Македонија

Македонците од северот на Грција: Не се даваме, по државност сме Грци, но по националност сме Македонци

Во 2021 година се случија два тажни закопи во Овчарани. Починаа маж и жена, во своите 90 и кусур години возраст. Нивниот син Панајотис на надгробните споменици покрај грчкото им го запиша и македонското име и презиме. Сега покрај името на татко му Јоанис Анастасиадис стои и името Јане Ашлаков, а покрај името на мајка му Дона Анастасиадис стои и името Дренка (Донка) Ашлакова. На истите надгробни споменици се запишани и неговата баба и дедо, но само на македонски јазик, Блаже Ашлаков и Конда Ашлакова, пишува САМО ПРАШАЈ

По краток муабет се упатуваме во дворот за да го продолжиме разговорот. Таму пристигнуваат неговите другари и пријатели, сопругата, снаата, но и еден австралиски зет по потекло од Италија кој по 50 години поминати на далечниот континент ја исполнил желбата на сопругата Македонка од Овчарани да го посети своето родно место. Малата барака наеднаш ја исполнува симфонија од различни јазици. Македонски јазик на повеќе наречја, како и грчки, и англиски. Сите говорат во исто време.

Првото прашање кое си го поставувате кога ќе минувате низ леринскиот регион е – од што живеат луѓето овде. Нема фабрики, нема државни институции, само ситно претприемништво. Панајотис Анастасиадис има „ергела“ од багери и камиони за ископување и транспорт на земја – бизнис кој често го води кон Битола. Го затекнавме среде село. Во муабет со Тасопулос Костадинос на неговиот џиновски трактор, дојден од Забрдане или по грчки Лофи, по работа во Овчарани.

Трогателно е колку овие луѓе се трудат да го остават во живот нивниот мајчин јазик, македонскиот јазик. Од секое ќоше ги демне некој што невкусно ќе им прокоментира за „јазикот што го зборуваат“, но тие пркосат и „лафат“, „пулат“, мешаат битолско наречје, прилепско, па дури и струмичко. Како што ги учеле баба и дедо. Дури и сообраќајната полиција која нè сопре на патот од Лерин кон Екшису, најпрвин ни се обрати на грчки јазик, а потоа се разбравме на англиски јазик, но кога по проверката ни ги врати документите не поздрави на македонски јазик. Сето тоа недвосмислено зборува за врските меѓу населението од двете страни на границата.

Прочитајте повеќе на САМО ПРАШАЈ

На почеток