Денеска е Св. Атанасиј Велики
Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 18 јануари. Денеска е Св. Атанасиј Велики и Кирил Александриски.
Свети Атанасиј се роди во Александрија. Во младоста стекна солидно образование. Уште како млад, неговата ревност ја забележа архиепископот Александар, па кога потпорасна го зеде за свој личен секретар. Кога Александар се упокои на александриската катедра беше избран Атанасиј. Свети Атанасиј неколку пати беше прогонуван оттаму од еретиците и неколку пати се враќаше на катедрата. Крајот на животот сепак го помина во својата црква во Александрија. Се упокои во 373 година. Денес се слави заедно со свети Кирил Александриски (петтиот век), зашто и двајцата александријци во свое време излегоа во заштита на православието против аријанството и против несторијанството.
Голем борец за вистинското православие .
Именден празнуваат: Атанас, (доаѓа од грчкото Атанасиос и значи бесмртен), Атанаска, Танас, Тане, Танаска, Насе, Насте…
Нашиот народ два пати го празнува споменот на свети Атанасиј Велики. На 31/18 јануари се празнува празникот Танасовден ‒ зимен, а на 15/2 мај Танасовден ‒ летен. Свети Атанасиј, наречен Велики е роден во Александрија во 295 година. Едно време минал во пустина заедно со свети Антониј Велики. По враќањето во Александрија станал архиѓакон во александриската црква.
Учествувал на Првиот вселенски собор и иако млад се истакнал со познавање на Светото писмо и со говорништвото. Неговите дискусии имале главна заслуга за победата против ариевската ерес и биле содржани во заклучоците од Собирот, на кој биле осудени еретикот Ариј и неговите приврзаници. Со тоа си го навлекол врз себе гневот на ариевците кои често го клеветеле кај царот. Но со својот углед и христијанскиот начин на живеење свети Атанасиј секогаш успевал да се одбрани од овие клевети. Веднаш по Првиот вселенски собир на 8 јули 326 година на барање на народот од страна на епископите бил поставен за архиепископ на александриската црква каде што останал долго време.