Земјотресот во Сирија може да остави 5,3 милиони луѓе без дом
Се проценува дека околу 5,3 милиони луѓе во Сирија би можеле да останат без покрив над главата поради катастрофалниот земјотрес што ја погоди таа земја во понеделникот, изјави денеска во Дамаск Сиванка Данапала, претставник на Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации.
Станува збор за огромен број ранливи лица, кои веќе неколкупати биле раселени поради граѓанската војна, изјави Данапала, пренесува Би-би-си.
Тој посочи дека агенцијата на ОН се фокусирала на дистрибуција на засолништа со тоа што ќе се погрижи колективните центри да имаат соодветни капацитети, како и шатори, пластични фолии, термални ќебиња, душеци за спиење, зимска облека и се друго што сега е неопходно.
Данапала посочи дека сега е многу тешко да се добие каква било помош за погодените делови на Сирија кои се под контрола на бунтовничките сили и дека луѓето таму се во најтешка ситуација.