Свет

Вучиќ: Ќе знам кога е моментот за воведување санкции на Русија

Претседателот на Србија Александар Вучиќ изјави вечерва дека се приближува моментот кога Белград ќе мора да ѝ воведе санкции на Русија и дека по тоа прашање очекува неспоредливо посилни притисоци од Западот.

„Оставете нè да тераме вака додека можеме, ќе знам кога е моментот и нема ништо да кријам од луѓето. Тој момент одамна наближува, се плашам дека повеќе не се во прашање ни месеци“, кажа Вучиќ.

Српскиот претседател оцени дека следува „голема ескалација“ на конфликтот во Украина и дека Белград поради тоа ќе биде соочен со неспоредливо посилни притисоци околу односите кон Русија и околу прашањето на Косово.

„Следува голема ескалација. Во следните пет, шест месеци следуваат најжестоките судири, најтешки до сега, и тоа на нашата земја ќе се одрази така што притисоците врз Белград, околу односите со Русија, ќе бидат два или три пати посилни иако беа многу, многу силни. Ќе има страшно силни притисоци и околу Косово“, истакна Вучиќ.

Додаде дека „не го зборува тоа затоа што мисли дека ќе се случи, туку затоа што има одредени нешта кои знае дека ќе се случат“.

Вучиќ кажа дека „повеќе не е сосема јасно кој победува во Украина“, дека пред неколку месеци „изгледаше дека колективниот Запад победува, но дека тоа сега повеќе не е јасно“.

На почеток