ВМРО-ДПМНЕ: Македонскиот културен идентитет трн во окото на власта, роман за Гоце Делчев не добива средства, а Рациновите средби само минорна помош
Реализирањето на веќе отворената агенда на власта во Македонија за цензурирање на мислата и творењето во сферата на културата го достигна својот врв по објавувањето на резултатите од Годишниот конкурс на Министерството за култура. Забревтаната машинерија на културната жандармерија во изминатиот период во повеќе наврати ја демонстрира својата решеност и моќ да се пресмета со своите неистомисленици. Целта на таквото „некултурно однесување“ на „апаратчиците“ на власта е многу едноставна. Таа лежи во нивната нескриена желба да се зададе жесток удар на сѐ она што преку културното делување и создавање го потенцира и го издига македонското национално чувство, вели ВМРО-ДПМНЕ
„Имено, на одбележувањето на годишнината од раѓањето на македонскиот великан, Гоце Делчев, вратата од просторијата во која е постојаната музејска поставка за основоположникот на македонската револуционерна борба остана закатанчена. Таа музејска поставка реално постои преку проектот инициран и реализиран во периодот од 2013 до 2015, но власта поаѓајќи од премисата „подалеку од очи, подалеку од срце“ се обидува да го игнорира нејзиното постоење.
И оваа година реномираниот македонски прозаист Блаже Миневски не ја доби поддршката на Конкурсот од страна на Министерството за култура. Причината е јасна и видлива. Миневски се „дрзнал“ да напише роман за Гоце Делчев и неговата животна љубов Јанка Канавчева, а власта не сака да ги наруши „братските“ односи со нашиот источен сосед. Романот е одбиен за финасирање, иако не е за верување дека некој од Министерството или Комисијата на Конкурсот ја прочитал работната верзија на романот. За да не се бранува мирната вода, каменот не треба да се фрли – размислуваат од Министерството, па затоа, според нив, најдобро е да се попречи патот на романот од Миневски до читателите.
Културната меѓународна манифестација „Рацинови средби“ оваа година одбележува шеесет години од своето постоење. Тоа за власта, а посебно за министерката Бисера Костадиновска Стојчевска ништо не значи, затоа што ѝ ги преполовува средствата за поддршка и ѝ доделува скромни 200 000 денари. Во услови на финансиска криза можеби може да се најде некакво оправдување за ова, но прашање е како таа иста финансиска криза не влијае за подобните невладини организации: ЈАДРО со 900 000 денари, КОНТРАПУНКТ со 1 000 000 денари и ЛОКОМОТИВА 1 000 000 денари, кои за своите проекти без јасен концепт добиваат и по петпати поголеми суми. Очигледно предводниците на Шарената револуција станаа заменска вредност за носечките културолошки столбови на Македонија.
Во контекст на преполовениот буџет на „Рацинови средби“, потсетуваме дека и играната серија „Црвениот поет“ посветена на големиот Рацин неколку години не е јавно прикажана. Иако продуцентската куќа „Сектор филм“ со неприкажувањето на серијата законски не ги оправдува добиените финансиски средства (23 000 000 ден.), таа и понатаму продолжуваува да добива финансии за нови проекти. Агенцијата за филм, треба, доколку серијата не биде емитувана во рок од две години, според потпишаниот договор за финансирање бесплатно да ја понуди серијата на националните телевизии, но тоа досега не е направено, криејќи го филмскиот проект за Рацин од очите на јавноста. Оттогаш поминаа цели шест години, а „Црвениот поет“ ја чека својата премиера собирајќи ја правта во „идеолошкиот бункер“ на актуелната власт.
Овојпат прашање нема да поставиме, затоа што знаеме дека одговорот е реторичен – жестока пресметка со сѐ што е поврзано со македонскиот национален и културен идентитет“, се вели во соопштението.