Скопје

Богоев: Обновата на Партизан треба да претставува добар пример како запуштените спортски објекти ги враќаме во функција

Општина Карпош иницираше работна средба во врска со салата „Наум Наумовски – Борче“ (Партизан), на која присутвуваа претставници од Владата на Република Македонија, Агенцијата за млади и спорт и Јавното претпријатие за стопанисување со спортските објекти.

Почнуваме иницијатива за спас на салата Партизан и враќање на стариот сјај на овој објект. Ова е заклучокот од денешната средба.
Во изминатиов период, целата јавност е сведок на пропаѓањето на овој култен спортски објект, кој во минатото претставуваше епицентар за различни спортови, простор во кој спортувале голем број на наши успешни спортисти, но се користел и за рекреативни цели.
Градоначалникот Стефан Богоев уште еднаш ја истакна јасната цел и определба на локалната самоуправа за обнова на објектот.

– Обновата на Партизан треба да претставува добар пример и на национално ниво., како запуштените спортски објекти ги враќаме во функција. Постои волја од сите засегнати институции за конечно решавање на проблемот со оваа сала (која е дадена под концесија), но истата секојдневно пропаѓа и се прекршени голем број на одредби од договорот за концесија.
Исто така, да нема дилеми, овој простор ќе остане со намена за спорт и рекреација. Нашата цел е навистина да биде во функција на спортот, но да биде достапна и за сите граѓани на Карпош, рече Богоев.

Владата на Република Македонија започнува процес на подобрување на инфраструктурата за спорт. Голем број од објектите ќе се дадат во владеење на општините или спортските федерации, посочија владините претставници.
Во оваа сала, во минатото се практикувале и голем број на помалку застапени спортови кај нас, како што е: гимнастиката, стрелаштвото, пинг – понгот и сл.

Исто така, во претстојниот период Општина Карпош ќе испрати и посебна Информација до Владата на Република Македонија, за моменталната состојба на објектот, целта на локалната самоуправа, проекциите за стопанисување со салата и други потребни детали.

Кликни за да коментираш

You must be logged in to post a comment Login

Leave a Reply

На почеток