Македонија

Новиот министер Лога потпиша, згаснува името „Иван Михајлов“

Новиот министер за правда Кренар Лога денеска го потпиша решението со кое се одбива употребата на името Иван Михајлов за истоименото здружение од Битола, откако Комисијата за употреба на имиња на личности даде негативно мислење за употребата на името Иван Михајлов.

– Министерот Лога го потпиша решението имајќи го предвид негативното мислење на Комисијата за употреба на имиња на личности која денеска одржа седница и во образложението за негативното мислење наведе дека именувањето на какво било здружение на граѓани со името Иван (Ванчо) Михајлов претставува навреда и провокација на националните чувства на македонскиот народ со оглед на неговото јавно и постојано негирање на македонскиот идентитет, јазик и култура. Величењето и славењето на неговиот лик и дело предизвикуваат нетрпеливост, нетолеранција и омраза во македонското општество, соопшти Министерството за правда.

Решението е донесено според новите измени во Законот за здруженија и фондации, каде во член 9-а за употреба на име, презиме, псевдоним, прекар, кратенка или иницијали на личност, наведено е дека согласност дава министерот за правда по претходно добиено позитивно мислење од Комисијата за употреба на имињата на личности.

Бугарскиот културен клуб сега е обврзан да побара пререгистрација или во спротивно му се заканува укинување.

На почеток