Путин и Шји денеска ќе потпишат два големи договори
На вториот ден од разговорите меѓу кинескиот претседател Шји Џинпинг и рускиот претседател Владимир Путин во центарот се економските односи на двете земји и се очекува да потпишат два големи договори за проширување на „сеопфатното партнерство“ и „стратешката соработка“.
Неочекувано, денеска исто така ќе се одржи средба на врвот во Киев, каде што јапонскиот премиер Фумио Кишида ќе се сретне со Володимир Зеленски и ќе му понуди „солидарност и поддршка“.
Патувањето на Шји во Москва се смета за голем поттик за неговиот стратешки партнер Путин, кој е предмет на налог за апсење од страна на Меѓународниот кривичен суд по обвинение за незаконско депортирање на украински деца.
Вчера Џинпинг и Путин разговараа четири и пол часа, нарекувајќи се еден со друг „драг пријател“, а меѓународно изолираниот руски лидер рече дека е отворен да разговара за предлозите на Кина за решение на војната во Украина. По разговорите, Путин го отпрати Шји до неговиот автомобил, што е реткост, а двајцата беа видени заедно насмеани.
Рускиот лидер за време на средбата рече дека е отворен за разговори за Украина и го пофали предлогот на Пекинг за конфликт од 12 точки, кој вклучува повик за дијалог и почитување на територијалниот суверенитет на сите земји. Кина се обидува да се прикаже себеси како неутрална страна во конфликтот во Украина, но Вашингтон вели дека потезите на Пекинг би можеле да бидат „тактика на застој“ за помош на Москва.
Москва и Пекинг ја зајакнаа соработката во последниве години, и двете водени од желбата да се спротивстават на американската глобална доминација. Ставот на Пекинг за Украина наиде на критики од западните земји, кои рекоа дека Кина премолчено ја поддржува вооружената интервенција на Москва.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен рече дека посетата на Шји на Москва „сугерира дека Кина не чувствува одговорност да го повика претседателот на одговорност за злосторствата извршени во Украина“.
„ И наместо тоа, дури и да осудува, тој повеќе би сакал да обезбеди дипломатско покритие за Русија да продолжи да ги врши овие големи злосторства“, додаде тој.