Македонија

Трипуновски да престане да манипулира, инспекциските контроли непречено се спроведуваат, велат од Агенцијата за храна

Политикантски и тенденциозни се последните обвинувања на Цветан Трипуновски од ВМРО – ДПМНЕ дека во прашање е доведено спроведувањето на инспекциските контроли на Агенцијата за храна и ветеринарство поради нерегистрирани возила, алудирајќи дека поради тоа се доведува во прашање безбедноста на храната и здравјето на граѓаните, велат од Агенцијата.

Трипуновски, додаваат од таму, да не се грижи. „АХВ е институција која досега докажа дека се грижи за безбедноста на храната и здравјето на граѓаните. Место нагаѓање и манипулирање, Трипуновски нека си ја гледа партиската агенда, но, не на штета на граѓаните.

„Одговорно тврдиме, граѓаните јадат безбедна храна, контролите, редовните, вонредните и оние по мониторинг програмите редовно се спроведуваат и ниту во еден момент, ниту било, ниту ќе е доведено во прашање нивното извршување. Агенцијата располага со 117 службени возила од кои 79 во моментов се регистрирани, а за остатокот во тек е јавна набавка за избор на осигурителна компанија“, се истакнува во демантот.

Во функција на немање застој во спроведувањето на инспекциските контроли, направен е, како што потенцираат, распоред за најрационално искористување на регистрираните возила и тој беспрекорно функционира, во функција на граѓаните.

„Повлекувањето на производи од маркетите, што за Трипуновски е сомнеж, за АХВ е само потврда дека инспекциските контроли беспрекорно се спроведуваат и дека граѓаните јадат безбедна храна.

Паушалното тврдење дека во државава беснее свинската чума е само уште една потврда во низата непознавање на состојбите од страна на Трипуновски, за кои, ако сака може да се информира. Состојбата со болеста африканска чума кај свињите кај домашната популација е мирна и потврда за тоа е фактот дека последниот позитивен случај кај домашните свињи во земјава, АХВ официјално го потврди на 29 ноември минатата година“, се истакнува во соопштението од оваа институција.

На почеток