Три години од членството во НАТО
Во касарната „Илинден“ во Скопје денеска со почеток во 11:00 часот, ќе се одржи централна свеченост за одбележување на третата годишнина од членството на Северна Македонија во НАТО. Најавени се обраќања на премиерот Димитар Ковачевски, министерката за одбрана Славјанка Петровска и началникот на Генералштабот на Армијата генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски.
Дел од свеченоста ќе бидат неколку показни вежби и активности на Армијата, вклучувајќи прелет на сојузнички воздухоплови во рамки на мисијата „Air Policing“.
Претходно, во организација на Министерството за надворешни работи во Клубот на пратеници ќе се одржи традиционалниот „НАТО појадок”, со учество на дипломатскиот кор, активност со која стартуваат Деновите на НАТО во државава, што ќе се одвиваат до 4 април.
Од МНР потенцираат дека настанот се одржува на три годишнината од нашето членство во НАТО, што, посочуваат, е особено значајно за регионалната безбедност и стабилност, особено во контекст на актуелните безбедносни предизвици. На тој настан ќе се обратат премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи Бујар Османи, како и на амбасадорката на Украина, Лариса Дир.
На 27 март 2020 година, Република Северна Македонија стана триесетта земја членка на Алијансата.