Министерот за правда на средба со претседателката на Врховниот суд: Итно донесување на измени на Законот за Судскиот совет
Министерот за правда Кренар Лога се сретна со претседателката на Врховниот суд Беса Адеми и со претседателот на Работната група за подготовка на Стратегијата за реформи на правосудниот сектор, академик Владо Камбовски.
На средбата која се одржа во Врховниот суд се разговараше за состојбите во правосудството и надминување на проблемите со кои се соочуваат одредени институции , односно Судскиот совет.Беше заклучено дека настаните во Судскиот совет се во спротивност со заложбите за независноста и угледот на судството, градењето на јавната доверба, како и со препораките во Извештаите на Европската Унија и Стејт депратмент.
„Едно од решенијата за подобрување на состојбите во Судскиот совет е итно донесување на измени на Законот за Судскиот совет во согласност со Стратегијата за реформи на правосудниот сектор. Законските измени треба да се во насока на унапредување на независноста, стручноста и функционалноста на Судскиот совет како орган за судството кој треба ја обезбеди и гарантира самостојноста и независноста на судската власт. Со измените треба да се надминат сите слабости на законското решение кои создадоа проблеми во практичната примена и оставија простор за различни интерпретации. Во рамките на работната група за подготовка на новата Стратегија и претходно беше нагласена потребата од итни законски измени и воедно беше укажано на проблемите кои се генерираат во применувањето на законот“, беше заклучено на средбата.
Врховниот суд на Република Северна Македонија преку Седницата на судии и Општата седница до Работната група за новата Стратегија веќе има доставено предлози за итни законски измени, но има поднесено и Иницијатива до Уставниот суд со кои ја оспорува уставноста на одредби од Законот за Судскиот совет.