Македонија

Владата го утврди текстот на Предлог на Закон за изменување и дополнување на Закон за градење

Владата го разгледа и утврди текстот на Предлог на Закон за изменување и дополнување на Законот за урбанистичко планирање, по скратена постапка.

Со предложениот текст, како што е образложено од Министерството за транспорт и врски, се овозможува нов тип на урбанистички проект за градби од стратешки интерес и се уредува изработката, постапката на донесување и спроведување на тој урбанистички проект.

Разгледан и утврден е и текстот на Предлог на Закон за изменување и дополнување на Закон за градење.

Со измените и дополнувањата на овој закон, според образложението од Министерството за транспорт и врски, се утврдуваат посебен вид на градби, градби од стратешки интерес и тоа: државни патишта како градби чијашто изградба е предвидена со Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и коридорот 10 д (делница на автопатот Прилеп – Битола) во Република Северна Македонија, како и на железнички пруги и магистрални гасоводи, енергетски градби како и други инфраструктурни градби – утврдени како градби од јавен интерес, од национална важност, со посебен закон или одлука на Владата. Изградбата на градбите од стратешки интерес е предвидено да се врши врз основа на урбанистички проект за градби од стратешки интерес, одобрен согласно Законот за урбанистичко планирање.

Владата го разгледа и утврди и текстот на Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за работни односи, по скратена постапка.

При примената на законските одредби коишто се однесуваат на прекувремена работа, како што е објаснето од Министерството за труд и социјална политика, укажана е потребата од донесување одредба со којашто ќе се овозможи прекувремена работа подолго од осум часа неделно и повеќе од 190 часа годишно во случаите кога се работи за работи од национален и стратешки интерес за државата, по претходно дадена писмена согласност на работникот.

Поради природата на работите и задачите што се вршат во работите од национален интерес на Република Северна Македонија, има потреба тие да може да се спроведуваат и во недела.

Работниците се заштитени со Законот за работни односи и секој прекувремен час ќе им биде исплатен 35 проценти согласно Законот и Колективниот договор. Согласно со Законот, работниците имаат право на дневен и неделен одмор.

На почеток