Македонија

Пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ и ДУИ протуркаа четири членови на Оперативно-техничката агенција

Денес на Комисијата за изборите и именувањата каде се избираа членови на Советот за граѓански надзор на Оперативно-техничката агенција, владеачкото мнозинство предводено од СДСМ и ДУИ протурка четири членови од предвидените седум кои што треба да вршат надзор врз оваа агенција, велат од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

„Имено, на огласот за пријавување за членови имасе 8 кандидати од кои тројца беа со непотполна документација и со самото тоа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ како што е и логично бараа огласот да се поништи и да се распише нов.

Иако на предходната седница сите пратенички групи, освен СДСМ беа согласни со овој предлог денес од страна на координаторот на ДУИ дојде предлог да се изврши парцијало гласање односно да бидат избрани само четири члена од предвидените седум.

Намерата на СДСМ и ДУИ беше јасна со оглед на тоа дека предложените кандидати се добро познати на јавноста како учесници во шарената револуција и таканаречени експерти кои работат за интересите на СДСМ.

Сакаме да дадеме до знаење на јавноста дека со изборот на овие четири членови на Советот, тој уште непочнат со работа го сметаме како крајно партиски, а не граѓански како што впрочем треба да биде.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ кои се членови на Комисијата за изборите и именувањата гласаа против овој штетен избор на членови и сакаме да дадеме до знаење дека владеачкото мнозинство го партизираше и овој Совет кој што треба да извршува една сериозна функција како што е надзор врз ОТА“, се наведува во соопштението.

На почеток