Магазин

(ВИДЕО) Реконструкција на уништувањето на Помпеја – по два дена мрак се појавило сонце

Како што многу пати се покажало, природата знае да биде доста немилосрдна, а еден од најдобрите примери за тоа е ерупцијата на Везув од 79 година. Истражувачите имаат направено многу реалистична реконструкција на овој настан во видео што трае 8 минути.

Помпеја најверојатно била основана во VII век и постоела во наредните 700 години. За тоа време на нејзините улици се менувале народи како Самни, Хелени, Етрурци и Римјани. Токму овие последните биле сведоци на нејзината пропаст и конечното уништување по ерупцијата на вулканот Везув во 79 година од новата ера. Покрај овој град биле уништени и блиските градови Херкуланеум и Стабија, а слојот од пепел што ги прекрил ја запечатил нивната историја, па денес им овозможува на научниците да ги дознаат и најмалите детали од секојдневниот живот на нивните жители.

Нешто слично се случувало и претходно…
Четири илјади години претходно, вулканскиот конус од Неаполскиот Залив го излеал својот бес на мало село од бронзеното време кои го затрупал под покривка од пепел во ерупција многу слична на онаа што се случила во 79 година. Оваа катаклизма не останала запаметена или забележана на некој материјал.

Наредните векови малите потреси и по некое исфрлање на пепел не ги вонзнемирувале многу жителите на овој древен град. Во февруари 62 година подрачјето го погодил земјотрес кој ѝ нанел голема штета на Помпеја, како и на другите градови во близина, а потресите продолжиле да се повторуваат со смален интензитет. Поради тоа може да се каже дека жителите веќе и се навикнале на малите потреси, нивните животи нормално се одвивале.

Градот сѐ уште се обновувал кога на 24 август 79 година – или на 24 октомври, како што верува мнозинството денешни експерти – се случила катастрофална ерупција која убила илјадници луѓе и ги затрупала со пепел и камења што ги исфрлал вулканот.

Иако по два дена мрак и катаклизма, сонцето повторно излегло, а активноста на Везув се смирила – Помпеја била уништена. Локалитетот потоа бил изгубен повеќе од 1500 години, сѐ додека не почнале првите археолошки ископувања во 1748 година од страна на шпанскиот инженер Роке Хоакин де Алкубиере.

На почеток