Македонија

Ќе се санира дефектот на цевководот Макарија во општината Росоман

Владата ја разгледа и усвои Информацијата за состојбата со сифон Макарија, во ХМС Тиквеш, по настанатото оштетување, од коешто најзасегнати се земјоделците од општина Росоман, како и понуденото решение од страна на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Станува збор за санација на цевководот Макарија преку монтирање соодветни цевки на оштетениот дел коишто е предвидено да обезбедат доволни количини вода за наводнување на пријавените површини од 2.050 хектари, за сезона 2023.

Времето на изведбата, според посоченото од Министерството, ќе овозможи да се запази сезоната за наводнување.

Решението коешто е предложено може да се изведе во брз рок и има карактеристика на решение од траен карактер, пришто се олеснува понатамошното реконструирање на целосниот цевковод Макарија и се заштедуваат средства за идните зафати на другите делови од системот за наводнување. А, е предложено по направени проценки од страна на стручни лица од Управата за водостопанство при Министерството, заедно со претставници на АД Водостопанство на Република Северна Македонија и професори од Градежниот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ од Скопје.

На почеток