На Ковачевски поважно му е ДУИ да не биде опозиција, отколку Македонија да оди напред, вели ВМРО-ДПМНЕ
ВМРО-ДПМНЕ понуди победничка опција, и Македонија во ЕУ и зачуван идентитет, на Ковачевски поважно му е ДУИ да не биде опозиција, отколку Македонија да оди напред, вели ВМРО-ДПМНЕ
„Претседателот Мицкоски даде 3 можни датуми за избори на есен, по кои ВМРО-ДПМНЕ како победник е спремен да формира влада со сите партии освен со ДУИ, која ќе биде влада на широко национално единство.
Целта на владата ќе биде зачувување на Македонскиот идентитет и интеграција во ЕУ. Имено претседателот Мицкоски лично ќе разговара со неколку премиери на земји членки на ЕУ, на следниот Совет да изгласаат потврда или гаранција за Македонскиот идентитет, јазик и култура, да не бидат оспорувани. Со таквиот документ да се излезе пред граѓаните и да се потврди дека имаме јасна потврда и дека ЕУ застанува зад заштита на нашиот многувековен идентитет, јазик, култура и историја.
Дополнително да се побара од Европската Комисија пакет за поддршка на Македонските граѓани и бизнис во процесот на преговори, а со цел подобрување на нивната конкурентност на европските пазари во пресрет на интеграцијата.
Како трета точка претседателот Мицкоски потенцира дека добрососедството мора да биде двосмерна улица. И така треба да се повика Бугарија, доколку е за европски вредности. Од вкупно 13 пресуди на ЕСЧП, од кои 6 се правосилни, да избере кои 3 ќе ги имплементира, со тоа ќе покаже дека навистина има добрососедство и дека нашинците во Бугарија се заштитени.
За да се реализира планот за заштита на Македонскиот идентитет и интеграција во ЕУ преку овие точки потребни се избори, бидејќи јасно е дека СДС и ДУИ немаат мнозинство за уставни измени“, се вели во соопштението.