(ФОТО) Распука патот кај Делчево, сообраќајот пренасочен


На магистралата А3 на патниот правец Делчево – Македонска Каменица – Кочани се појавија пукнатини по невремето во четвртокот навечер. Поради тоа, сообраќајот кон Делчево се пренасочува преку патниот правец Берово – Смојмирово – Виница.
Причината е поради пропаѓање на патот кај месноста Црквенска Река близу Делчево. Претходно на проблематичното место е поставена сообраќајна сигнализација.
Информацијата ја соопштија од АМСМ, а ја потврдија од подружницата на „Македонија Пат“, од каде велат дека забраната за движење на патниот правец од Делчево кон Македонска Каменица и Кочани е за сите возила.
-Иако некаде до 20 часот можеше да се користи и алтернативниот патен правец преку селата Киселица и Полето, сепак поради нестабилниот терен решивме да воведеме целосна забрана за сообраќај за сите видови возила на магистралата А3, Делчево – Македонска Каменица – Кочани. Сообраќајот во моментот се одвива преку алтернативниот патен правец Делчево – Берово – Смојмирово – Виница, истакна синоќа Влатко Цоневски од подружницата на „Македонија Пат“.
