Македонија

Дел од патиштата непроодни поради наноси од земја и кал

Поради наноси од земја и кал непрооден е регионалниот пат од село Извор кон Прилеп, поточно село Степанци Општина Чашка кон Прилеп.

Од денеска до 23 овој месец патот Велес – Градско ќе биде затворен за сообраќај во периодот од 8 до 18 часот поради поставување на слој од асфалт, информира АМСМ.

Оттаму информираат дека поради наноси од земја и кал непрооден е регионалниот пат од сeло Извор кон Прилеп, поточно селото Степанци Општина Чашка кон Прилеп.

По една коловозна лента се одвива и сообраќајот на мостот на Црвенска река на магистралниот пат А3 делница Македонска Каменица – Делчево. Поради излевање на Крива Река, во прекин се локалните патишта од Крива Паланка кон село Варовиште и село Градец. Исто така, во село Пчиња (Куманово) има собрани дрвја и гранки под мостот на реката Пчиња, со што е намален протокот на реката, па постои опасност од излевање и оштетување на мостот, информираат од АМСМ.

Сообраќајот на останатите патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Од АМСМ информираат дека патниот правец Охрид – Ресен, преку националниот парк Галичица е отворен за сообраќај за возила со дозволена носивост до 3.5 тони.

На почеток