На Јанакиески му е засметан притворот во казната, велат од Кривичниот суд
Кривичниот суд посочува дека постапиле правилно во врска со случајот на Миле Јанакиески и неговата правосилна пресуда за „Титаник“. Посочуваат дека со признанието вина му е одредена казна, а во неа е засметано и времето поминато во куќен и во ефективен притвор.
„Во донесената пресуда врз основа на признание на вина, како и во решение на Апелациониот суд – Скопје, со кое се потврдува првостепената пресуда, но и во наредбата за спровод од судијата за извршување санкции, е наведено дека во досудената казна затвор се засметува времето поминато во притвор ,односно од 14.11.2018 до 26.02.2019 година, како и времето поминато во куќен притвор, сметано од 28.2.2022 година до почнување со издржување на казната затвор на 6.7.2023 година, односно околу една година и девет месеци“, велат од Кривичниот суд.
Тие додаваат дека во пресудата веќе се пресметани притворот и куќниот притвор за конкретниот предмет.
„Во согласност и со коментарот на Кривичниот законик на академик Владо Камбовски (стр. 485 и 486): Поимот на секое лишување од слобода го опфаќа и притворот, како и казната или мерката на безбедност, што се состои во лишување од слобода за истото дело, издржана во странство… (чл. 121)… …Во сите случаи е потребно притворот и издржаната казна или мерка за безбедност да се во врска со казненото дело за кое на сторителот му е изречена казна“, додаваат од Кривичниот суд.
Вонредното преиспитување на пресудата ќе биде направено од Врховниот суд.
„Што се однесува до барањето за вонредно преиспитување на пресудата, од Кривичен велат дека по истекот на сите законски утврдени рокови за достава на пресудата до другите обвинети за кои второстепениот суд ја потврди пресудата донесена врз основа на признание на вина, ќе биде комплетиран и доставен во Врховниот суд на РСМ како надлежен суд за одлучување по барањето“, додаваат од Кривичниот суд.