Откриени два нови видови полжави во изворите Свети Наум


Изворите Свети Наум во центарот на вниманието на домашната и светска научна јавност: откриени се два нови видови полжави.
Ова фасцинантно, научно откритие повторно ја потврдува и изнесува на виделина извонредната биолошка разновидност со која се одликува овој уникатен екосистем.
Првиот од двата новооткрени видови полжави е именуван како Ancylus naumiensis n. sp., вид кој за прв пат беше забележан во 1996 како “Ancylus sp. D“, но не беше потврдена неговата посебност и карактеристики на нов вид, заради недостиг на морфолошко-таксономски податоци.
Уште поголемо е значењето и откритието за вториот вид- Ohridonaumia trajanovski n. sp кој е целосно новоопишан, и тоа не само како вид туку и како род кој за прв пат се спомнува за Изворите Свети Наум. Уште еден куриозитет за овој вид, е неговата номенклатура, односно видот е именуван според Проф. Др. Сашо Трајановски (Ohridonaumia trajanovski), еминентен и истакнат научен работник од Хидробиолошки институт Охрид, во чест на неговата двеиполдецениска посветена заложба за заштита и промоција на Охридското Езеро и неговиот уникатен жив свет.
Описот и на двата вида, нивната ендемска природа и посебност повторно покренуваат низа научно-интригантни прашања за нивната еволутивна генеза но и улога во деликатната рамнотежа на овој воден рај. Истите ја потврдуваат посебноста на изворите како извонредна природна креација и ја потенцираат потребата од нивна хитна, неодложна и долгорочна заштита.
