Македонија

Беса бара претседателот на Управниот суд под итно да даде оставка

Движење БЕСА бара претседателот на Управниот суд Бурим Сејдини веднаш да поднесе оставка на функцијата, да одговара за своите незаконити постапки и да каже кого штител и за кого ја злоупотребил функцијата. „Обвиненијата против него се толку сериозни што ги докажуваат точно сите причини поради кои граѓаните немаат доверба во судовите. Доколку вработените во Управниот суд се во право дека АКМИС системот бил злоупотребуван, тоа значи дека случаите во кои граѓани и бизнисмени барале правда биле оставени во рацете на судии кои знаеле кого треба да штитат и кому да му наштет“, смета Беса.

Вработени зборуваат и за вработувања „мајка – ќерка“ што зборува и за непотизам и злоупотреби за лични и семејни и тесни интереси, наведува партијата во соопштението.

Беса наведува и дека не треба да се заборави дека претседателоит на судот во еден период бил платен и од Фудбалската федерација и дека и покрај тоа сознание Сејдини не ја напуштил судската функција туку бил и реизбран.

„Ова е јасна слика за судството кај нас, за судството заробено од владата на ДУИ-СДСМ. Затоа, ги повикуваме и охрабруваме надлежните институции како Министерството за внатрешни работи, Финансиската полиција, Државната комисија за спречување на корупцијата и ресорното обвинителство да ги преземат сите неопходни чекори и да ги разјаснат сите сомнежи за првиот човек на Управниот суд, да се разгледаат сите 190 застарени предмети и причините поради кои е дозволено да застарат. А, решението за сите овие скандали се предвремени парламентарни избори. Со моќта на ДУИ-СДСМ нема правда, нема ЕУ, туку само скандали, криминал и корупција“, се вели во соопштението на БЕСА.

На почеток