Македонија

Отстранет еколошкиот билборд во Тетово

Еколошкиот билборд од центарот на Тетово е остранет од страна на општинските работници, бидејќи шест години истиот стои без да ја врши својата функција.

Како што наведуваат од „Тетово инфо“, билбордот веќе шест години стоел неупотреблив и без да врши функцијата да апсорбира ситна отровна прашина односно ПМ10 и ПМ 2, 5 честички. Од таму велат дека билбордот бил поставен со пари на невладиниот сектор, приватни компании и германската амбасада.

– Поради негрижата од претходната локална власт, еко-дрвото со години стои исушено и веќе нема ефект врз подобрување на аерозагадувањето, за што и беше поставено. Поради тоа одлучено е истото да биде отстрането – соопштиле од службата за односно со јавноста при Општина Тетово.

 

Оваа вертикална конструкција која беше поставена во март 2017 година имаше комбинација на мовови и васкуларни растенија односно растителен филтер со улога на прочистувач на воздухот како што би имале 275 дрвја.

Неколку месеци по поставувањето голем дел од растенијата се исушија. Еколошкиот билборд потоа со години стоеше без примарната функција, а граѓаните во него оставаа отпадоци.

Вакви билборди беа поставени на повеќе локации во земјава, меѓу кои и во главниот град. И тука, билбордите се исушени и повеќе собираат ѓубре и прашина отколку што служат за прочистување на воздухот.

Објавата за отстранувањето на билбордот предизвика лавина реакции од граѓаните кои укажаа дека истиот никогаш не функционирал и џабе биле потрошени пари, а имаше и такви кои посочија дека е полесно да се стопи за старо железо отколку да се обнови.

На почеток