Магазин

Почина Љубомир Бранѓолица, композитор и автор на филмска музика

Од Сојузот на композитори на Македонија информираа дека почина композиторот Љубомир Бранѓолица, кој освен класична пишувал и популарна и џез музика, музика за театарси претстави и филмски остварувања, како и музика за деца.

Бранѓолица е роден на 19 август 1932 во Херцег Нови, а во 1946 се запишува во Военото музичко училиште во Загреб. Своето средно музичко образование го завршува во Риека. Од 1950 до 1954 година работи во Уметничкиот ансамбл на ЈНА во Белград. Во Македонија доаѓа во 1954 и работи во домовите на ЈНА во Куманово и Скопје. Од 1957 е корепетитор во Балетот при Македонскиот народен театар, а потоа добива статус на слободен уметник до 1966, кога се вработува во Македонската радиотелевизија како продуцент музички работник и уредник на Музичката програма на Македонската телевизија. Во меѓувреме дејствува како пијанист и како балетски критичар.

Како автор на филмска музика, дебитира во 1964, со музиката за документарниот филм „Кеј 13 Ноември“, по што следува негово учество и во други документарни и играни филмови. На 18 март 2006 ја доби и наградата за животно дело „Трајко Прокопиев“, која ја доделува Сојузот на композиторите на Македонија.

Лани, Андреј Блажевски постави дела од Бранѓолица во дигитална форма на онлајн платформата ljubomirbrangjolica.wixsite.com/brangjolica, заради евидентирање и трајно зачувување на материјалните партитури во дигитален формат.

Од проектот произле каталог со список на дела од Бранѓолица, групирани во категории, во зависност од инструменталниот состав (инструментариум) за кои се наменети.

„Постојат дела од авторот Бранѓолица, за кои знаеме дека се создадени и изведени, но за сега не успеавме да пронајдеме нотен запис од нив. Оваа интернет архива содржи евидентирани и дигитализрани дела кои ги најдовме и се во домашниот архив на композиторот Бранѓолица. Во оваа фаза беа вклучени сите податоци кои беа познати, впишани на самата партитура како на пример, автор на текст, година на создавање итн. За преостанатите податоци и дополнување потребни се дополнителни музиколошки истражувања и анализи, кои верувам дека би резултирале со создавање на еден обединет сеопфатен музиколошки труд за ликот и делото на композиторот Бранѓолица“, рече лани Блажевски.

Погребот на Бранѓолица е претпладнево на 24 јули.

На почеток