Македонија

Приход од 4,2 милиони евра, како фирмата од Аудито на Груби тоа го постигнала со еден вработен

Пред четири дена пред опожарувањето на „аудито“ што го користел вицепремиерот Артан Груби, компанијата со која се поврзува возилото, ја сменила адресата на своето седиште, а Беким Лимани (за кого МВР вели дека е сопственик на автомобилот и дека го пријавил инцидентот) станал единствен нејзин газда
Фирмата „Еуро ком лајтинг“, со еден вработен, лани имала приходи од 4,2 милиони евра, а нејзина приоритетна дејност е „неспецијализирана трговија на големо“, пишува 360 степени.

Улицата „Серава“ број 63 во скопската општина Чаир е адресата на која од пред една недела е преместено седиштето на „Еуро ком лајтинг“, фирмата која се поврзува со автомобилот „ауди А6“ што го користел првиот вицепремиер Артан Груби и што беше запален ноќта во петокот кон саботата.

Новата адреса во Централниот регистар е заведена од 17 јули годинава откако претходно повеќе од 14 години фирмата се водела на улицата „Војдан Чернодрински“ број 28, исто така, во Чаир. Промената се случила четири дена пред опожарувањето на возилото во Чаир.

Главната приходна шифра на компанијата е 46.90 што значи дека за приоритетна дејност има „неспецијализирана трговија на големо“. Ако се погледнат финансиските извештаи на „Еуро ком лигхтинг“ за претходните пет години може да се забележи скок во приходите.

Од 2018 до 2021 година тие се движат од 1,7 милиони евра (околу 106 милиони денари) до 2,6 милиони евра (околу 164,5 милиони денари). Во слични граници се движат и расходите, а компанијата во истиот период со исклучок на 2018 г., работи во минус (блиску до нула). Загубите се движат од околу 6 000 до околу 14 000 евра. Во 2018 добивката е околу 5 000 евра.

Ситуацијата се променила во 2022 г. Минатата година, приходите на „Еуро ком лигхтинг“ од 1,7 милиони евра во 2021 година, пораснале на 4,2 милиони евра или за 143,91 насто. Притоа, расходите се помали за околу 50 илјади евра, колку што е нето-добивката за 2022 г.

Овие финансиски резултати „Еуро ком лајтинг“ ги прави со само еден вработен.

Еден вработен компанијата имала и во 2021 и 2022, додека трите претходни години бројот на вработени изнесува во просек петмина.

Извор: 360 степени

На почеток