Македонија

Бугарски фудбалски клуб во Македонија со име Вардар не е реално, вели Маричиќ

Вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ во попладневното интервју за Канал 5 вели дека не е реално да се формира бугарски фудбалски клуб кој би настапувал во македонската лига со име Вардар – бугарски, додека за најавите за отворање бугарски телевизии во Македонија смета дека тоа е законски дозволиво.

– Ние слушавме и дека јазикот треба поинаку да го викаме „Македонски 2“, отворање на телевизија се регулира со Закон за медиуми кој важи за сите јазици без разлика дали се бугарски или не. Тоа е уште едно страшило, а фудбалските клубови се брендови сами по себе. Брендот Вардар е бренд и не може да му се земе името. Не е коректно да се измислуваат страшила. Вардар е институција. Да не веруваме во лагите дека некој може нешто да ни одземе или наметне, рече Маричиќ.

Фондација на контроверзниот Виктор Стојанов најави дека ќе регистрираат бугарски фудбалски клуб наречен ФК Вардар – бугарски, како македонскиот клуб. Тие се пофалија со логото на клубот кое е исто како на Вардар, но со бугарско знаме. Според нивните пишувања, тие веќе почнале да собираат пари за да дојдат до сопствеништво на некој актуелен тим од Македонија, но засега немаат решено дали тоа ќе биде екипа од Третата или од Четвртата лига.

„Фондацијата Македонија ќе има свој фудбалски клуб во Северна Македонија, кој ќе биде првиот бугарски фудбалски клуб во земјата од 1944 година. Секој од вас може да се вклучи со учество во капитал или со донација“, беше објавено во прогласот.

To Top