Скопје

Како дојде до продажба на дел од улицата Есперанто во Влае за 285 денари метар квадратен

Сопственикот на објектот на кафулето Кино Влае и на околните објекти станaл газда и на дел од улица за само 285 денари од метар квадратен. Постапката е овозможена преку Министерството за финансии. Започнала во 2014 година кога на власт е ВМРО – ДПМНЕ, а завршува шест години подоцна кога со државата управува СДСМ. Подрачна единица при Управата за имотно правни односи, одлучила да го удоволи барањето на фирмата „Аполо Инженеринг“ за приватизација на државно земјиште кое опфаќа и 153 квадрати од улицата Есперанто која се наоѓа пред кафулето Кино Влае без воопшто да излезе на терен и да утврди дека граѓаните остануваат без дел од улица за бизнис интереси, објави ИРЛ.

Граѓанската иницијатива „Борба за Влае“, откри како дошло до продажба на дел од оваа улица во Влае.

„Како од сопственик на пар бараки (за кои платил по неколку стотици денари од квадрат) ќе стане сопственик на парцела на која ќе може да гради 11- катници?
Во случајот „инвеститорот“ наоѓа начин да стигне и до многу повеќе од 30% сопственост на земјиштето. Него не му припаднува само земјиштето под бараките, туку и просторот меѓу нив, и поранешниот такси-паркинг (сега тераса од кафич) и дел од улицата Есперанто! По пат на приватизација, наместо дооформување на земјиште, тој стигнува до поголема површина за багателна цена. Oдносно плаќа 285 денари за м2 (2 кафиња), наместо 12.800 денари за м2 која е цената за дооформување на парцела!
Кој го може ова?
Ова го можат само „јаки“ инвеститори поврзани со општинските и државните власти.
Дали вие како обични граѓани можете да си купите земјиште од улицата за 285 денари по метар квадратен во атрактивен дел на општината?
Кој е редоследот на настаните:
1. Си поднесуваат барање за приватизација до Министерство за финансии во 2014, БЕЗ ЕЛАБОРАТИ.
2. Во исто време отприлика Општина Карпош почнува процедура за ДУП-от за СЗ 19 – Влае 2.
3. „Инвеститорот“ на Општината и тврди дека има процедура за приватизација на земјиштето, и дава број на процедурата од Министерство за финансии. Никој не проверува дали таа процедура е издржана и до каде е. Никој не проверува дека нема „инвеститоров“ ни елаборати и дека чека уствари на овој ДУП „да му се погоди“ за да ги поднесе. Во општината се наивни или сите се дел од истата шема?
4. Под палката на градоначалникот, планерот БИЛД УРБАН во процедурата за ДУП-от во периодот 2014-2016 година вцртува висококатници – станбени кули, за првпат таков објект на тоа земјиште.
Во овој ДУП му се вцртува трасата од Есперанто во парцелата, му се вцртува такси паркингот иако во моментот тие земјишта не се негови. Во претходниот ДУП (од 1990–ти) тука се предвидени објекти од јавен интерес, за месна заедница, култура и слично.
Зошто некој би поднесувал барање за приватизација во 2014? За да гради објекти од јавен интерес?
Или да прави притисоци да се смени ДУП-от во 2016? Како е дозволен ваков паралелизам? Да се притискаат и лажат 2 институции истовремено, наместо да се чека едната процедура да се заврши, па да продолжи другата?
5. Општина Карпош во 2016 носи ДУП за Влае 2. Го има на линкот: https://karpos.gov.mk/Upload/Editor_Upload/SZ%2019-Vlae.pdf
6. Елаборатите за приватизација „инвеститорот“ ги поднесува ДУРИ во 2016 и 2017 година, по ДОНЕСУВАЊЕ НА ДУП-от. Тогаш подрачната единица на Министерството за финансии го комплетира предметот и му го продава земјиштето по багателна цена.
Значи ДУП направен во корист на сопственикот, каде му се ставаат кули, намена домување и каде Есперанто постоечката траса му се става во градежна парцела е основ на приватизација?!
Дали инвеститорот ги смотал институциите или тие му биле соучесници, нека испитува ДКСК или Јавно обвинителство.
ДУП-от за СЗ 19 – Влае 2 со парцела вцртана врз трасата на Есперанто НЕ СМЕЕ ДА ПОМИНЕ.
#БорбаЗаВлае
#БорбатаПродолжува“, се вели во објавата.

На почеток