Скопје

Град Скопје се пофали со реконструиран булевар, за иницијативата „На Точак“ ова е уште една пропуштена шанса да се изведе безбедна инфраструктура

Град Скопје на социјалните мрежи објави фотографии од реконструираниот булевар АСНОМ во Ново Лисиче.

„Станува збор за целосна реконструкција на булеварот АСНОМ од крстосницата со булевар Србија до пристапната улица на Куќата на Фудбалот, со што се овозможува зголемена сигурност и безбедност на учесниците во сообраќајот“, велат од Град Скопје.

Од граѓанската иницијатива „На Точак“, реагираат дека ова е уште една пропуштена шанса да се изведе безбедна инфраструктура за ранливите учесници во сообраќајот.

„Уште една пропуштена шанса да се изведе безбедна инфраструктура за ранливите учесници во сообраќајот.
Од споделените фотографии од Град Скопје може да се види дека само коловозните ленти на „реконструираниот“ потег на булеварот АСНОМ во Ново Лисиче имаат сменет асфалт.
Во оваа „реконструкција“ ништо не е сменето за ширината на коловозот и лентите, не е изведена безбедна велосипедска инфраструктура на јужната страна, а ни пешачка ни велосипедска инфраструктура на северната страна. Значи реконструкцијата е само на коловозот преку олеснување на брзото непрекинато возење наместо преку дестимулација со негово успорување.
Во оваа состојба улицата стимулира брзо и небезбедно возење на автомобили, а не дозволува никакво возење на велосипеди, ни движење на пешаците на една страна.
Дополнително, на останатите 3 страни на булеварите околу Ново Лисиче има издвоени велосипедски патеки.
Со одлуката да не се изведат велосипедски патеки или ленти и на овој булевар се пропушти шансата ова да биде вториот блок во Скопје кој е целосно обиколен со безбедна велосипедска инфраструктура. За споредба блокот кај Соборен Храм, пак, е првиот блок во Скопје обиколен со велосипедски патеки и ленти од сите 4 страни на растојание од 200-250 метри меѓу себе, нешто со што се пофали самиот Град Скопје како исчекор, а е препорачаната дистанца меѓу велосипедски патеки и ленти меѓу себе во населени средини.
Во објавата има еден пасус каде се спомнува ефектот на безбедноста која ќе ја има оваа реконструкција. Велат „Станува збор за целосна реконструкција на булеварот АСНОМ од крстосницата со булевар Србија до пристапната улица на Куќата на Фудбалот, со што се овозможува зголемена сигурност и безбедност на учесниците во сообраќајот. Реконструкцијата на оваа важна сообраќајница е исполнување на уште едно барање на граѓаните и реализација на проектот ветен во програмата „За модерно Скопје“.“
Дали навистина широки и писта-прави коловози на кои нема пешачка и велосипедска инфраструктура, а кои двојат населба од детско игралиште ќе овозможуваат зголемена сигурност и безбедност на учесниците во сообраќајот?
Наместо да се следи текот на развој на градот во претходните 10 години, со вакви автоцентрични одлуки Град Скопје регресира во планирањето на сообраќајот.
На сликите каде тие се фалат со светкав нов асфалт ние гледаме идни жртви од брзи коли“, се вели во објавата.

На почеток