Акику: Тоа што му е зет на Невзат Бејта не му помогнало да стане директор на АЕК


Јетон Акику, директорот на Агенцијата за електронски комуникации, во денешното интервју за РСЕ вели дека тоа што му е зет на поранешниот функционер на ДУИ, Невзат Бејта, не било пресудно да стане прв човек на ова регулаторно тело.
– Директор не станав со унапредување, имаше оглас на кој што конкурирав. Двајца конкуриравме, во тој оглас комисијата која што е надлежна за избор на директор одлучи јас да бидам директор, гласи објаснувањето на Акику.
Тој на оваа позиција дошол како претходен раководител на финансиското одделение во АЕК, а за неговата политичка позадина вели дека „таа не би требало да игра никаква улога и дека не верува дека има врска со тоа“.
Десетина вработени од 120 во АЕК се сопруги на поранешни и актуелни функционери и политички фаци како Кирил Божиновски, Мартин Протуѓер, Бујар Османи, Латас, ќерката на поранешен претседател на Уставен суд, како и син на поранешната директорка на здравствен инспекторат.
– Тие вработувања се постари што ги спомнуваш, не можам да кажам, ама во принцип вработувањето, по мое знаење, нити еден не е вработен со прекршување на било која од законските процедури, вели првиот човек на АЕК и додава дека „сепак сме мала држава и дека најверојатно во секоја институција би имал некој вработен што има некоја релација со некој функционер“.
