Магазин

„Бесмртност“ – Македонската филхармонија со концерт посветен на Бетовен

„Бесмртност“ е насловот на претстојниот симфониски концерт на Македонската филхармонија, кој ќе се одржи овој четврток, на 31 јануари во 20 часот. Под диригентство на маестро Сашо Татарчевски, концертот ќе биде посветен на творештвото на музичкиот гигант Лудвиг ван Бетовен.

На програмата се неговите моќни дела: Увертира за именден оп. 115, Хорска фантазија за пијано, хор и оркестар оп. 80, каде како солист ќе се претстави македонската истакната пијанистка Нина Костова-Јаневска, како и Симфонијата бр. 2 во D-dur.

Учество ќе земат и хорот „Драган Шуплевски“ од Факултет за музичка уметност, како и професионален хор „Про арс“ и солистите: Јаворка Витанова и Мартина Нанеска – сопрани, Бојана Јованова – алт, Јане Дунимаглоски и Шинаси Рамадан – тенори и Мартин Блажевски – бас.

Музичкиот „Прометеј“ Лудвиг ван Бетовен (1770–1827), германскиот композитор што ќе ги направи најхрабрите чекори во музиката, особено во сонатно-симфониската форма, се смета за првиот европски романтичар. Биографите запишале: Бах го усовршил постојното. Моцарт е најсјајниот момент во историјата на музиката. А, Бетовен е моќта! Човекот што успеал да ја удави сопствената судбина. Бидејќи бил глув, па и самиот знаел да каже дека за неговата професија тоа е најстрашното нешто што можело да му се случи. Но, се победил самиот себеси и формирал сопствена филозофија на животот, која ќе стане инспиративна основа на целокупното негово творештво. За неговиот композиторски стил се карактеристични афористички куси, пластични тематски јадра, од кои органски расте целокупниот материјал. Зад себе оставил најмоќен музички опус во музичката историја: девет симфонии, од кои пет се вбројуваат меѓу 12 најдобри во историјата, пет ненадминливи клавирски концерти, Концерт за виолина и оркестар, 16 гудачки квартети, 32 сонати за пијано (форма што ќе ја доведе до совршенство), две миси, десет увертири, десет сонати за виолина и пијано, пет сонати за виолончело и пијано, една опера…

Маестро Сашо Татарчевски е роден во Битола каде што и го започнал своето музичко образование, а дипломирал и магистрирал на катедрите за оркестарско и хорско диригирање на ФМУ – Скопје во класите на Фимчо Муратовски, Драган Шуплевски и Саша Николовски. Своето усовршување го продолжил на мајсторски курсеви во Њујорк, Рим, Москва, Берлин, Сартеано, Санкт Петербург и Фиренца, соработувајќи со познати диригентски имиња како што се Хелмут Рилинг, Франческо Каротенуто, Марк Горенштајн, Михаил Јуровски и Сајмон Керингтон. Настапувал со разновидни ансамбли како што се Македонската филхармонија, Битолскиот камерен оркестар, Македонската опера и балет, Симфонискиот оркестар на ИКО – Рим, Оркестарот на Ермитаж – Санкт Петербург, Битолската опера, ансамблите за современа музика „Алеја“ и „Контемпора“, Симфонискиот оркестар на ФМУ, камерниот оркестар „Солисти на ФМУ“, хоровите „Магнолија“ (Словачка), „Кантемус“ (Унгарија), „Иполитов-Иванов“ (Русија) и други симфониски, хорски и камерни состави. Во моментов Татарчевски е еден од најактивните диригенти во Македонија. Покрај редовната работа како професор на ФМУ по група предмети од областа на диригирањето и диригент на симфонискиот оркестар и мешаниот хор „Драган Шуплевски“, се јавува и како уметнички раководител на професионалниот мешан хор „Про арс“ и на Женскиот младински хор при МКЦ. Има направено трајни записи со инструментална, вокално-инструментална и хорска музика во студиото „Фејмс“, а издадени се и неколку ЦД-а каде што Татарчевски се потпишува како диригент. Освен во Македонија, има настапувано во Португалија, Словенија, Шкотска, Белгија, Грција, Швајцарија, Шпанија, Хрватска, Италија, Србија, Чешка, Бугарија, Турција, Франција, Романија, Полска, Австрија и Русија. Има освоено голем број индивидуални награди за диригирање на интернационални настани, награди на конкурси со различни инструментални и хорски ансамбли, како и наградата на СОКОМ „Георги Божиков“. Член е на повеќе жири-комисии на меѓународни натпревари, предавач на семинари и мастеркласи за диригирање и хорска музика а од 2014 година е и уметнички директор на Меѓународниот хорски форум во Струга.

Нина Костова-Јаневска е една од најдобрите македонски пијанистки од современата генерација музички уметници, но и пијано-педагози. Музичкото образование го стекнала во Скопје, во класата на реномираните професори од Московскиот конзерваториум „Петар Илич Чајковски“ – Људмила и Борис Романови. Во текот на своето образование, Костова-Јаневска се здобила со бројни награди и признанија, а често настапува на европските сцени во Велика Британија, Франција, Италија, Бугарија, Турција, Андора… Во периодот од 1991 до 2010 година, учествувала на сите семинари водени од проф. Борис Романов, организирани од ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ – Скопје, Музичката младина на Македонија, како и Музичкото училиште „Добрин Петков“ во Пловдив, Бугарија, и музичкото училиште „Војислав Вучковиќ“ од Белград, Србија. Дипломира и магистрира со највисока оценка cum laude, a во 2014 ги заврши докторските студии. Нина Костова-Јаневска досега повеќе пати настапувала и како солист со Македонската филхармонија, со Младинскиот симфониски оркестар „Добрин Петков“ од Пловдив, Камерниот оркестар „Св. Ѓорѓе“, Камерниот оркестар „Московија“, Симфонискиот оркестар на ФМУ… Соработувала со значајни диригенти, меѓу кои и со Саша Николовски-Ѓумар, Александар Лековски, Борјан Цанев, Леонид Николаев, Едуард Грач, Пламен Парванов, Јанко Костелиц…, а настапувала и со бројни камерни состави заедно со реномирани уметници во Сараево, Белгија, Италија, Франција и Њујорк, од кои се издвојува настапот на „Охридско лето“ со Квартетот „Хеншел“ од Германија. Моментално работи како вонреден професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Со своите ученици и студенти постигнува огромни успеси, освојувајќи државни и меѓународни награди низ светските центри како што се Монако, Монте Карло, Москва, Ново Сибирск, Њујорк, Лондон и повеќе градови во Италија, Србија, Бугарија. Добитничка е на две признанија за посебен придонес во „Карнеги хол“, како и признание од фондацијата „Спиваков“ за посебен придонес на фестивалот „Москва встречает друзја“ во 2013 година. Од 2018 година Нина Костова-Јаневска е почесен член на Фондацијата „Томислав Зографски“.

Кликни за да коментираш

You must be logged in to post a comment Login

Leave a Reply

На почеток