Македонија

Општина Тетово не им дозволува на ФК Тетекс и Љуботен пристап до градските стадиони

Еден од најстарите фудбалски клубови ФК Тетекс денес во свое и во име на ФК Љуботен испрати соопштение до јавноста дека Општина Тетово не им дава дозвола да тренираат и играат ниту на стариот, ниту на поновиот градски стадион. Велат дека имале повеќемесечни безуспешни обиди со општината за да им се овозможи да го користат стадионот, а сега ексклузивно право на тоа има само ФК Шкендија.

– Ја користиме оваа прилика за да ја запознаеме пошироката јавност дека во моментов на стариот градски стадион, но и на новиот градски стадион, ФК Тетекс, ФК Љуботен и ЖФК Љуботен немаат право на нивно користење, тренинзи, одигрување на натпревари во лигата од засега непознати причини! Ексклузивно право на користење на двата стадиони има само ФК Шкендија! Се запрашуваме, дали во 21-от век е нормално само поради тоа што сме МАКЕДОНЦИ кои живеат во Општина Тетово да немаме право на тренинзи на природна трева?Со месеци, односно поточно од февруари навака одржани се неколку состаноци со градоначалникот и со челниците на општинската власт, но, од нив нема никаков договор и реализација на нашите барања, реагира ФК Тетекс.

Додаваат дека во минатото без никакви проблеми, со меѓусебна координација, сите клубови тренирале и ги играле своите натпревари на овие два стадиони, како и на тоа дека во позадина на ваквата пасивност се крие политика.

– Во истиот контекст, сакаме да потенцираме дека на стариот градски стадион се наоѓаат и нашите простории, соблекувална, простор за перална и слично, а тренинзите и натпреварите се играат на стадиончето на АМС (Агенција за млади и спорт), на вештачка трева. Чиста небулоза! Па оттука сакаме да прашаме: Дали Шкендија е единствен клуб од Тетово кој има право на ова или се игра некоја друга игра во позадина? Апелираме до општинските власти за итно свикување на заедничка средба на сите тетовски фудбалски клубови и под нивно покровителство итно да се изнајде решение за овој проблем, без никој да е оштетен. Во спротивно, ќе бидеме принудени да повикаме на протести се додека не обезбедиме фундаментални право за спортот и развој на спортскиот дух кај младите, додаваат од клубот.

На почеток