Пред почетокот на седницата, дневниот ред за работа претрпе измени и така, градоначалникот Саша Богдановиќ, повлече една точка која се однесуваше на хонорарите на членовите од управниот и надзорниот одбор на Јавното претпријатие “ПОЦ“, а се додадоа три нови.
По добиените забелешки од Министерството за транспорт и врски, советниците изгласаа Блокот 24 од Деталниот урбанистички план Градска четврт Ј 07 да се врати на понатамошна доработка и истиот да повторно да биде ставен на дневен ред. Покрај ова, се изгласаа и неколку други точки од локален интерес, како изменувањето на програмата за поставување на рекламни паноа и информативни табли, со што ќе се зголеми бебзедноста на граѓаните и ќе се регулира поставувањето на рекламни паноа. Потоа, се изгласаа правилниците за систематизација и организација на работни места во градинката “Кочо Рацин“ во Центар, годишната програма за работа на ЈП “ПОЦ“, како и одлуките за вредноста на бодот на платите на државните и јавни службеници вработени во Општина Центар. Советот донесе одлука и за задолжување на општината во компонентата А од проектот за подобрување на општинските услуги, МСИП 1/2018, со што ќе се добијат средства за реконструкција на улицата “Велешка“ во населбата Маџир Маало и градинката “Раде Јовчевски Корчагин“ – клон Пепелашка.
Советниците на седницата ја усвоија и измената на програмата за одбележување значајни настани, истакнати личности и маалски традиции со спомен обележја во Општина Центар. Со ова, се усвои и иницијативата на Македонската Академија на Науки и Уметности за поставување на спомен обележје на драмскиот писател и член на МАНУ надвор од работниот состав, Горан Стефановски. Спомен обележјето на Стефановски ќе се наоѓа на триаголниот парк во Дебар Маало, спроти ресторанот “Идадија“.