Македонија

(ВИДЕО) Ѓорѓиевски: Само во јануари во Скопје се пријавени над 520 кражби, повеќе од 20 на ден, а Спасовски седи со скрстени раце

Скопје е во хаос. Криминалци ги владеат улиците, а Оливер Спасовски и раководството на МВР ја парализираа полицијата оставајќи простор за беззаконие. Граѓаните се чувствуваат несигурно бидејќи се препуштени сами да се бранат од насилници и разбојници. Доколку на почеток имаше оправдување дека ваквата катастрофа е заради неспособноста на Спасовски, сега стануваат се посилни сомнежите дека тој и неговите соработници се во сериозна коалиција со криминалот, изјави Орце Ѓорѓиевски на денешната прес-конференција.

„Еве за што говориме. Само во јануари во Скопје се пријавени над 520 кражби и тешки кражби. Тоа се над 520 семејства кои се ограбени и трауматизирани. Повеќе од 20 на ден. Уште потрагично е што Спасовски седи со скрстени раце. Реализацијата, односно откривачката дејност на полицијата не надминува мизерни 2%. Односно се откриваат само криминалците кои не плаќаат рекет и ме соработуваат со оваа власт.

Речиси нема место во Скопје каде последниот месец не се случила кражба. Имотот на граѓаните е загрозен, а Оливер Спасовски мува не го лази. Тој се занимава само со внатрепартиската битка во СДСМ за кандидат за претседател. Се ограбува на големо, од домови, продавници, автомобили. Впрочем за тоа и алармиравме кога власта на СДСМ ослободи 850 осудени затвореници од затворите и ги пушти на улиците. Заради тоа сега Скопје е во хаос.

Само во последниот месец на територија на општина Центар се случиле 29 кражби, 91 тешка кражба. Во Чаир се случиле 17 кражби и 71 тешка кражба. Во Кисела Вода 12 кражби и 33 тешки кражби. Во Аеродром 13 кражби и 41 тешка кражба. Во Гази Баба 22 кражби и 80 тешки кражби, во Карпош 14 кражби и 60 тешки кражби. Во Ѓорче Петров 6 кражби и 25 тешки кражби. Овие и уште стотина други поситни џебни кражби, но и украдени возила се дел од билтенот на МВР за само еден месец. Очигледно дека МВР наместо да решава и превенира вакви случаи се претвори само во статистички бројач на кражби, убиства, насилства и разбојништва. Разрешница за овие случаи речиси и да нема.

Сето тоа е резултат на неспособноста на врхушката на МВР предводена од Оливер Спасовски кој најверојатно повеќе време губи на избор на костум за престојната партиска конвенција, отколку за заштита на имотот и животите на нашите граѓаните, како и безбедноста на државата, за што всушност и е платен со нашите народни пари.

Затоа Оливер Спасовски треба да си поднесе оставка бидејќи ситуацијата е премногу алармантна за ваков неспособен кадар да го води Министерството за внатрешни работи“, изјави Ѓорѓиевски.

Кликни за да коментираш

You must be logged in to post a comment Login

Leave a Reply

На почеток