Македонија

(Фото) Новинарите на протест пред Граѓански суд: „Не сме џубокс, ние сме новинари“

Новинарите излегоа пред Граѓанскиот суд во Скоје да го изразат револтот кон пресудата донесена од судијката Јованка Спировска-Панева, која за авторите на сторијата „Заговор против воздухот“ напиша дека не се новинари, како и дека новинарското истражување требало да си го прикажат само меѓу членовите на здружението „ИРЛ“.

Плакета на која пишува „Признание за цензор на годината“ е оставено пред судот, а се доделува на судијката Спировска-Панева. Новинарите носеа и транспаренти на кои пишуваше „Ми се објавува, ми се плаче“, „Осудени за вистината“, „Не се преставувам лажно, сакам да објавам нешто важно“.

Воедно, на протестот беше испратена и пораката „Не сме џубокс, ние сме новинари“, но и „Модуларно судство“ алудирајќи на Граѓанскиот суд кој во повторената постапка ја осуди екипата на ИРЛ.

За скандалозната одлука, се огласи и Амбасадата на САД.

“Со задоволство ја пречекуваме „групата“ на новинари, уредници и персонал на ИРЛ. Ние, во U.S. Embassy North Macedonia ја препознаваме нивната напорна работа да им ги дадат на луѓето во Северна Македонија потребните информации за да ги разберат настаните и силите кои ги обликуваат нивните животи”, напиша на Твитер амбасадорката Анџела Агелер на средбата со ИРЛ вчера на покана на амбасадата.

Амбасадорката на САД г-ѓа Анџела Агелер изјави дека да се сугерира дека луѓето во ИРЛ не се новинари – кои и служат на својата земја и својата заедница – е бесмислено.

Синдикатот на новинари и медиумски работмици посочува дека со оваа пресуда се поставува досега невиден и опасен преседан судот и државните институции да одредуваат што е медиум, кој е новинар и кој смее да се бави со новинарска дејност. ССНМ смета дека токму овие произволни и паушални толкувања на Законот за медиуми, како и на Законот за здруженија и фондации претставуваат пред сѐ залажување на јавноста од страна на судот со цел оправдување на оваа скандалозна и досега невидена одлука во македонското правосудство.

ИРЛ беше осудена за клевета по тужба на поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев и компанијата БРАКО за емисијата „Заговор против воздухот“.

Во образложението на пресудата судијката Јованка Спировска-Панева наведува дека истражувањата на ИРЛ не смееле да се публикуваат пред граѓаните, туку требало исклучиво да се користат за внатрешна едукација на вработените. Таа го отфрли исказот на уредничката на ИРЛ, Сашка Цветковска, со образложение дека таа и ИРЛ не се новинари и медиум.

Од ИРЛ, по пресудата, реагираа дека тие не се осудени за клевета, туку осудени се оти постојат, а поддршка добија од голем број новинари и медиуми. Основниот граѓански суд, велат од ИРЛ, преку судијката Јованка Спировска-Панева протолкува дека непрофитните организации, кои во земјата се занимаваат со истражувачко новинарство, не претставуваат медиумски организации, па поради тоа таа ги отфрлила доказите на ИРЛ во спорот со Анѓушев.

Против судијката Јованка Спировска-Панева, Здружението на новинарите поднесе претставка до Судскиот совет на 19 октомври. Бара да се утврди дисциплинска одговорност против неа бидејќи без објаснување и решение одлучи да ги исклучи новинарите од судница за да ги соочи главната уредничка на ИРЛ, Сашка Цветковска, и Анѓушев. Медиумите беа спречени да известуваат од рочиштето, а јавноста немаше шанса да биде информирана за оваа судска постапка.

По пресудата, реагира и претседателот Стево Пендаровски.

„Етикетирање, дискредитација и обиди за регулирање новинари и медиуми имаше и во минатото и сведоци сме дека таквите процеси не доведоа до демократски развој. Како држава, која се определила за членство во ЕУ и споделување на европските вредности за демократија, транспарентност и одговорност, потребно е да ги почитуваме и спроведуваме меѓународните стандарди за медиумски слободи“, напиша Пендаровски.

Фото: Солуција

На почеток