Македонија

Ексклузивно: Боки 13 на слобода, доби прекин на казната

Осудениот Бојан Јовановски-Боки 13 е пуштен на слобода, дознава „Скопје1“. Причината е лошата здравствена состојба во која се наоѓа, за која Кривичен суд добил лекарски извештаи од повеќе клиники, но и повеќе доктори, како и цели лекарски козилиуми. Ова значи дека Боки 13 ќе се лекува од слобода, а откако му беше извршена операција и му беше отстранет желудникот. „Скопје1“ побара потврда и од адвокатот Владимир Туфегџиќ, бранител на Боки 13. Тој посочува дека ја добиле одлуката, за која вели дека иако е задоцнета, таа е праведна.

„По однос на прашањето за кое пројавувате интерес, како бранител ја потврдувам информацијата дека Основниот кривичен суд Скопје донесе одлука за прекин на издржувањето на казна затвор за осуденото лице Бојан Јовановски и истата е доставена до осуденото лице. Ваквата одлука иако е задоцнета истата е за поздравување како законита, правична и пред се хумана, донесена врз основа на две последователни позитивни мислења од надлежниот Јавен обвинител во рамки на иста постапка и врз основа на комплетната медицинска документација за здравствената состојба на осуденото лице“, посочува Туфегџиќ за „Скопје1“.

Ваквата одлука иако е задоцнета истата е за поздравување како законита, правична и пред се хумана, вели Туфегџиќ за „Скопје1“

Родителите на Боки 13 уште пред девет месеци алармираа дека во затворот „Идризово“ не може да се санира состојбата на нивниот син, чие здравје е нарушено. Тој во неколку наврати беше шетан релација болница-затвор. Докторите го отпуштаа во добра општа состојба, а затворската полиција го враќаше во болничка количка.

Дека услови за лекување нема во затворот, потврдуваа и повеќе екипи од Брза помош, кои беа повикувани во затворот, кога состојбата на осуденикот се влошуваше. За тоа, во јавност беа објавени десетина потврди потпишани од доктори во Брза помош.

Лекарските извештаи од Брза помош

Пред осум месеци, му беше отстранет и скоро целиот желудник. Хирургот од болницата „Св. Наум Охридски“, Стојанче Јованов, јавно алармираше дека била извршена комплицирана и ризична операција, која беше и животозагрожувачка.

Во „Идризово“, беше вратен во затвореното одделение на затворот, во ќелија за која Народниот правобранител констатираше дека не ги задоволува ниту минималните услови за издржување затворска казна. Особена забелешка имаше за условите за одржување на хигиена, несоодветна за неговата здравствена состојба.

Боки 13 поднесе и куп кривични пријави против политичари, бизнисмени, обвинители. Тие требаше да ги процесира Обвинителството, а нивната судбина е непозната за јавноста. Осудениот, од затвор но и од болница ја критикуваше власта, упатуваше писма до Амбасадите во Македонија, за како што тврдеше, криминалите за кои има докази.

На почеток