Низа средби и дружби меѓу осомничените за убиството на Вања, кружат и фотографии


Низа дружби и средби имало помеѓу осомничените за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска. „Скопје1“ дојде до фотографии од лицата кои од вчера се во полициска станица, а треба да бидат изведени пред судија на претходна постапка во Кривичниот суд. Дел од дружбите, според фотографиите, биле во седиште на движењето на Љупчо Палевски – Палчо, по кого полицијата трага, додека тој е надвор од Македонија.
Сепак, официјални детали се очекуваат дури утре, во 10 часот, кога е закажана прес-конференција на Обвинителството. Прашавме дали освен петте лица кои ги споменаа, има и други осомничени, но тие не даваат прецизен одговор.
Засега е потврдено дека од пет лица, за тројца се бара притвор, двајца не се поврзани и по распитот се пуштени на слобода, по еден (Палчо) се трага и еден е сега приведен.
Од фотографиите кои ги поседуваме, лицето кое е првоосомничено дека го извршило убиството, позира со нож, седи зад знамето на „Трета“ партија која се поврзуваше со Палчо. Во друштво е и со другите осомничени. Од фотографиите се добива впечаток дека сите осомничени имале интензивни дружби.
Седиштето на движењето „Трета“ е во Кисела Вода, кое неофицијално, полицијата го проверувала за да обезбеди докази. Се очекува по Палчо да биде распишана и потерница бидејќи се знае дека ја напуштил државата.
