Кешишев, Манев и Видевски добија притвори – се сомничат за „грабнување“ и „убиство“
Трите лица Велибор Манев, Влатко Кешишев и Боре Видевски, осомничени за киднапирање и убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска, добија по 48 часовен притвор, дознава „Скопје1“ од извори во Кривичен суд. Сите тројца, освен за грабнување, се сомничат и за кривично дело убиство. Судија на претходна постапка, овие мерки ги изрече доцна утринава, откако тројцата беа донесени во судот по полноќ, во периодот од 1 до 4 часот.
Кешишев, Манев и Видевски се однесени во затворот „Скопје“ во Шутка, каде ќе ја издржуваат мерката. По истекот на 48 часа, оваа мерка може да биде продолжена со барање поднесено од обвинителот кој ја води постапката.
Осомничениот Велибор Манев вчера прв беше донесен во судот, а на прашање од „Скопје1“ дали ја убил Вања – тој негираше. Тој ги одмолче прашања поврзани со неговата вина и признание за кое веќе објавивме. Ова е единствениот кој беше спроведен од паркингот на судот.
Второто лице, односно Боре Видевски, беше донесен преку подземниот паркинг на судот, па спроведен преку скалите до судница. За него, беа присутни повеќе полицајци од вообичаено, за да го однесат пред судија на претходна постапка. Тој не одговри на прашањето: „дали ја убивте Вања“.
Третото лице, односно Влатко Кекишев, за кого неофицијално се дознава дека имал најголема и најсуштинска инволвираност – беше скриен од јавноста. Полицијата го донесе со комбе на Интервентна полиција, а од паркигнот беше качен со лифт до судница.
Низа дружби и средби имало помеѓу осомничените за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска. „Скопје1“ дојде до фотографии од лицата кои од вчера се во полициска станица, а треба да бидат изведени пред судија на претходна постапка во Кривичниот суд. Дел од дружбите, според фотографиите, биле во седиште на движењето на Љупчо Палевски – Палчо, по кого полицијата трага, додека тој е надвор од Македонија.
Сепак, официјални детали се очекуваат дури утре, во 10 часот, кога е закажана прес-конференција на Обвинителството.
Засега е потврдено дека од пет лица, за тројца се бара притвор, двајца не се поврзани и по распитот се пуштени на слобода, по еден (Палчо) се трага и еден е сега приведен.