[Профили] Сите имаат деца и се познаваат со Палчо – кои се осомничените за убиството на Вања
Двајца велешани, двајца скопјани и еден штипјанец. Ова се петте лица осомничени за киднапирањето и убивањето на Вања Ѓорчевска. Заедничко за сите е што имаат по две полнолетни деца и не се осудувани. Дел од нив, споделувачи на ликот и делото на Љупчо Палевски-Палчо – осомничен како организатор и реализатор на убиството на Вања, но и на убиството на Панче Жежовски од Велес. Дел од поврзувањата ги направи истрагата, дел не ги криеле ниту самите осомничени.
„Скопје1“ ги направи профилите на осомничените лица, според информации од терен, од нивните сограѓани, но и користејќи ги нивните профили на социјалните мрежи.
ВЕЛИБОР МАНЕВ
Велибор Манев е од Велес. Има 53 години. Станува збор за семеен човек, има две полнолетни деца. Досега бил неосудуван, ниту пак се водела постапка против него за друго дело. Во последните месеци, познат лик и на скопјани, бидејќи собираше петиција против промена на името на Македонската православна црква. За ова имаше и јавни сведоштва.
На социјалните мрежи, жесток поддржувач на Љупчо Палевски-Палчо, кој пак, е осомничен за реализатор на убиствата на Вања и Панче. Сѐ до неговото апсење, во саботата, тој споделувал објави на социјалната мрежа „Фејсбук“, воглавно, видеа од Палчо, објавени на профилот „Партија Десна“, политички субјект во кој двајцата делувале. Двајцата, судејќи според објавите, планирале да слават и една година постоење на партијата на 12 декември.
БОРЕ ВИДЕВСКИ
Боре Видевски е исто така од Велес. И тој е татко на две полнолетни деца. Се занимавал со боречки вештини. На неговиот фејсбук профил стои: „Претседател и главен инструктор во Okikukai Uechi ryu Macedonia – хомбу доџо“.
Профилот е исполнет со низа фотографии од него со деца кои ги тренирал. „Скопје1“ дознава дека тој бил и вработен во јавно претпријатие во Велес. Тој нема кривична евиденција во македонските судови. За разлика од останатите, Видевски, за разлика од Кешишев и Манев, нема јавни објави од партијата „Десна“, но има заеднички фотографии со неговиот сограѓанин. Заедно со Манев, стоеле и на штанд преку кој собирале потписи за да не се промени името на МПЦ.
ВЛАТКО КЕШИШЕВ
Влатко Кешишев е штипјанец, има 64 години. Во јавноста е познат и како „готвачот на Палчо“. Татко е на две полнолетни деца. Едното од нив, споделува објави и видеа од Палчо на социјалните мрежи.
Кешишев е разведен, велат за „Скопје1“, штипјани кои го познавале. Со брзина на светлината, еден ден откако беше изведен на суд и беше ставен во затвор – неговиот профил на социјалната мрежа „Фејсбук“ беше исклучен. „Скопје1“ има принтскринови на дел од објавите.
Од нив може да се утврди дека Кешишев го посетувал седиштето на „Десна“ од каде Палчо правеше поткасти.
Се сликал зад симболот „Јин и јанг“ – најпознат симбол во кинеската филозофија (детали). Фотографии правел и во кујна, на себе го носел сонцето од Кутлеш, се фотографирал со качулка и меч. Во анализирањето на фотографиите кои „Скопје1“ ги поседува, се приметува дека Кешишев често на фотографиите покажувал симбол на споени три прсти.
АЛЕКСАНДАР ЃОРЧЕВСКИ
Александар Ѓорчевски е скопјанец, татко на Вања и има 51 година. Мајката Зорица Ѓорчевска во изјава за „Скопје1“ кажа дека тие имаат две заеднички деца. Разведени се. Мајката веќе посочи дека таткото нема профили на социјалните мрежи, бидејќи си ја ценел приватноста.
Станува збор за неосудувано лице, а познат кај дел од жителите на Дебар Маало, каде живеел долги години. Иако нема фотографии како останатите лица, истрагата покажала дека тој се познава со Палчо, на кому му дал информации за времето и траекторијата на движење на Вања кои помогнале да биде киднапирана и убиена.
ЉУПЧО ПАЛЕВСКИ-ПАЛЧО
„Скопје1“ пишуваше за неговиот профил. Од бизнисмен и политичар до контроверзна личност и ладнокрвен убиец на 14-годишната Вања. И тој е родител, татко на полнолетно дете. За разлика од останатите, Палевски има кривично и прекршочно досие.
Целиот профил видете го со клик ТУКА.
ОБВИНИТЕЛСТВОТО ГИ СОМНИЧИ ЗА УБИСТВОТО НА ВАЊА
Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев раскажале кои биле нивните улоги во киднапирањето и убивањето на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Реализатор на убиствата кажале дека е Љупчо Палевски-Палчо кој е во бегство и кој ги организирал сите лица. Александар Ѓорчевски, татко на Вања, до вчера утрината не призна своја инволвираност. Сепак, за него постоеле докази дека го дал времето и местото кога Вања ќе биде сама за да биде киднапирана. Девојчето било врзано во влезот, ставена во вреќа и однесена во село Бразда, Чучер Сандево. Таму било пукано во неа. Обдукцијата ќе утврдува кога точно починала и дали била малтретирана.