Македонија

Се шират заговори, се бара правда за Палчо, но не и за другите од „Десна“: формирана група каде осомничениот е патриот, а не убиец

Заговори се шират на социјалните мрежи во врска со убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски. Се формираат групи на социјалните мрежи, преку кои се бара и правда за првоосомничениот Љупчо Палевски-Палчо, кој според институциите е организатор и реализатор на двете убиства. Една од нив е именувана како „Правда за Палчо, правда за Вања, правда за Панче, правда за Македонија“ [линк]. До моментот на објавување на веста, има 53 членови и еден администратор со пекар „Тони Десна“.

Принтскрин од групата во делот „членови и администратори“

Токму „Десна“ е името на партијата основана од Палчо, а тој е и нејзин претседател. Групата пак, е формирана вчера утрото. Има неколку објави. Воглавно, од креаторот на групата, кој Палчо го опишува како „вистински македонски патриот“.

Групата е отворена во текот на вчерашниот ден (05.12.2023)

„Сите што лично го познаваме Палчо знаеме дека е невино обвинет за грозоморното и монструозното убиство на Вања. Знаеме дека, заедно со дел од неговите најблиски соработници им е монтиран случај во кој што ѕверски жртвуваа и детски живот. Дете лишија од младост, од радост што му носи животот, од потомство, од среќа да биде дел од своите најблиски, другари и пријатели… Создадоа непријателско и насилно јавно мислење, креираа потенцијални монструми кои што се подготвени невино обвинетиот Палчо да го растргнат токму како што тоа би го направиле најкрволочните волци. Потенцијалните монструми истото ќе го сторат и со сите познаници и сопартијци на Палчо. Драги Македонци, драги сограѓани, драги пријатели и непријатели, ве молам, оладете ги главите, само така ќе можеме да се избориме за вистината, да ги пронајдеме вистинските монструми кои што ги убија Панчо и Вања. Само така ќе можеме да откриеме кои се идеолозите, организаторите и извршителите на овие грозоморно, ѕверски и политички убиства. Животите на Панчо и Вања се многу скапи и злосторство е за нив да одговараат невини Македонци“, стои во објавата од профилот „Тони Десна“, креатор и администратор на групата.

Објавата од профилот „Тони Десна“

На профилот „Тони Десна“, нема никакви објави, но има 349 пријатели. Меѓу нив, не е профилот на Љупчо Палевски-Палчо. Во групата, освен што се бара правда за Палчо, не се споменува име на ниту еден друг од обвинетите, иако, сите дејствувале во рамки на партијата „Десна“.

Љупчо Палевски-Палчо е првоосомничен за двојното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, извршени во различно време и различно место. Истрагата, според институциите, покажала дека тој е и реализатор. Освен него, во грабнувањето на Вања и Панче, дејствувале и Велибор Манев, Боре Видевски, Влатко Кешишев. Осомничен дека имал своја улога во грабувањето на Вања, има и таткото Александар Ѓорчевски. Сите се во притвор од 30-дена.

Институциите соопштија дека се собрани докази за овие тврдења, а тројца од петмината признаа вина и инволивраност, раскажаа во МВР и Обвинителство што точно сториле и по чии наредби. Министерот Оливер Спасовски кажа дека кривичната пријава од полицијата е на повеќе од 100 страни.

На почеток