(Видео) Со дојави, тргнувања и застанувања – рутата на бегството на Палчо почнува со дознавањето дека е најден „цитроенот“
Долг е патот кој го минува Љупчо Палевски-Палчо од Скопје до Баликесир. Почнува во моменти кога тој не е ниту осомничен, завршува со меѓународната потерница и неговото апсење. Преплетен со престои на повеќе места, контактирања, организирања. Тргнувал, се предомислувал, се враќал. Ова го покажува неговата тракеторија на движење до која дојде „Скопје1“. Доколку бил решен од Белград да стигне до Баликесир, без паузи, но со кратки застанувања на местата каде што престојувал, тоа ќе го направел за околу 20 часа. Но, всушност, патувањето му траело три дена. „Скопје1“ дојде до неофицијални информации дека Палчо точно знаел што се случува со истрагата во Македонија по првите апсења на МВР, уште пред тоа да го дознае јавноста. Но, не и пред тоа. Министерот Оливер Спасовски веќе потврди дека имал контакт со лица во Македонија, а „Скопје1“ дознава дека тоа се луѓе кои биле членови на неговата партија „Десна“.
„Скопје1“ преку извори во институциите дојде до траекторијата на движење на Палевски-Палчо, но и преку користење на податоците објавени од МВР и Обвинителството.
Министерството за внатрешни работи, на 27 ноември, денот кога исчезна Вања Ѓорчевска, го наоѓа опожарен автомобилот на Панче Жежовски, но не и исчезнатиот велешанец. Јавноста за изгорениот „цитроен“ со кој според истрагата Вања била киднапирана, дознава на 29 ноември. Веста осамнува во медиумите. Во моментите кога Палчо го започнува бегството, нема статус на осомничен, факт што го потврди и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
На 30 ноември (четврток), за време на самитот на ОБСЕ, Палевски-Палчо ја напушта Македонија. Го контактира неговиот адвокат за да го однесе до Белград. Му кажал дека тоа е поради лекарски прегледи. Но, уште тогаш планирал дека следната можна дестинација е Турција, па истото, според адвокатот кој даваше изјава за медиумите, му го најавил нему. Адвокатот се враќа, Палчо останува во хотел. Преноќува во Белград.
Следниот ден (01 декември, петок), додека во Македонија се уште трае потрагата по Вања Ѓорчевска организира нова логистика за транспорт, па го повикува осомничениот Стефан Димковски, кој е во притвор под сомнение дека му помогнал на Палевски во бегството. Димковски заминува за Белград и го зема Палевски. Прво одат кон Ниш, па од таму за Бугарија. Поминуваат покрај Софија, па Пловдив и Хасково и стигнуваат до границата „Капи куле“.
„Го носев во болница“, кажа Димковски за „Скопје1“, кратко при спровод во Кривичен суд каде му се одреди притвор.
Во саботата (02 декември), ден пред Обвинителството и МВР да соопштат дека Вања била пронајдена убиена, Палевски е во Турција. И во оваа земја имал логистика, разговарал и организирал.
Македонија, како и целиот Балкан, беше во шок кога како бомба во неделата (03 декември) оддекна веста дека Вања е најдена мртва, но и дека првоосомничен е Љупчо Палевски-Палчо. Заедничкото соопштение на МВР и Обвинителството беше објавено вечерта, но извори на „Скопје1“ тврдат дека Палевски уште во текот на денот знаел дека тој е осомничениот бидејќи уапсени се неговите сопартијци, за што, тој има изворни информации.
Во понеделникот (04 декември) се одржува прес-конференцијата на Спасовски и Бубевски, на која се споделува и информацијата дека Палевски не само што е осомничен, туку полицијата открила дека тој е планерот и реализаторот на двете убиства. Тој пак, според оперативните информации на МВР преку нивни извор, оваа вест ја дочекува во Баликесир, Турција. За цело време се знае неговата траекторија на движење. Истиот ден, вечерта, се распишува и меѓународна потерница по него.
View this post on Instagram
Последниот ден на слобода за Палевски е 05 декември (вторник). Кривичната пријава, на повеќе од 100 страни стасува од МВР до Обвинителството. Палевски е следен, се открива дека се движел сам по автопат, за што, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, посочи дека е обид за симулација дека го напушта Баликесир.
За оваа намера, според МВР, најмил такси возач и тргнал, симулирајќи дека оди за Истанбул. Но, тоа според истрагата, не била намерата – туку да се осигура дека не е следен и дека нема да биде фатен. Истиот ден подоцна, забележан е како се движи пеш на автопат. Тука е и уапсен.
Палевски е во екстрадиционен притвор. Македонија експресно ги подготви документите за да се побара негова екстрадиција. Министерството за правда за еден ден преведе над 100 страници документи, меѓу кои е и кривичната пријава од МВР со сите докази доставени до Обвинителството. Се очекува предметот да биде преземен од турските власти веќе утре и да се постапува по него.