Со пари до слобода: Излезе од притвор велешанецот на кого му се суди за сексуалните забави со уценето дете
На слобода излезе 26-годишниот велешанец кој беше во притвор, а му се суди за „трговија со дете“. Додека Обвинителството докажува дека тој со закана овозможил 15-годишната малолетничка да биде силувана и снимана, Апелација го пушти да излезе од притвор. Гаранција вредна 70.000 евра која велешанецот ја оставил, за Апелација е доволен доказ дека тој нема да избега. Адвокатката на жртвата алармира дека девојчето се чувствува небезбедно, а оправданост во одлуката на Апелација – не гледа. За да биде пуштен од притвор, Апелација прво донела решение во кое посочува дека велешанецот не може да влијае на сведоци. Сега, со гаранцијата носат и решение дека не може да избега.
„Во врска со прашањата упатени по однос на предметот појаснуваме дека во конкретниот случај основот на мерката притвор е само поради опасност од бегство по член 165 став 1 точка 1 од ЗКП, а не и поради влијание на сведоци или повторување на делото. Инаку, спрема обвинетиот е определена мерка притвор сметано од 26.01.2023 година. Мерката гаранција е една од мерките за обезбедување присуство на обвинетиот. Во оваа фаза на главна расправа советот оцени дека понудената гаранција е доволна по основ и висина за обезбедување присуство на обвинетиот“, велат од Апелација за „Скопје1“.
Ослободувањето донесе дополнителен страв кај малолетното девојче, посочува нејзината адвокатката Наташа Бошкова за „Скопје1“. Таа тврди дека пракса на укинување од притвор за вакво дело – немало. Додава дека не гледа оправдување за одлуката.
„Моето претходно искуство во слични вакви случаи каде има обвинение за вакво кривично дело, немало пракса за укинување на притвор за време на постапката. Ако првостепениот суд одлучил дека може да влијае на сведоци, мислам дека сѐ уште тоа е можно, така што, не го гледам оправдувањето како баш сега, во оваа фаза на постапката не може да влијае на сведоци. Го немам видено решението и под кои услови е пуштено лицето, само знам дека е укинато. Сметам дека во оваа фаза на постапката, до која што сме, нема пресврт кој влијае на второстепениот суд да каже дека не може да има влијание врз сведоци, ако претходно, тоа бил основот за одредување мерка притвор“, посочува адвокатката Бошкова за „Скопје1“.
Девојчето, кое според Обвинителството било сексуално експлоатирано, а сега ослободениот велешанец ја намамил, па со порнографски материјал ја уценувал – не е сместено во т.н. сигурни куќи. Таа е дома, а адвокатката додава дека пуштањето на првообвинетиот ќе влијае врз нејзината безбедност.
„Во однос на жртвата, таа за цело време од случувањата се чувствува небезбедна. Едноставно го чека исходот од постапката. Така што, дополнително пуштање на слобода на лицето, верувам дека дополнително негативно ќе влијае на нејзината безбедност и чувство на сигурност. Таа повеќе не е заштитена, претходно беше. Живее во својот дом, функционира под околностите“, додава таа за „Скопје1“.
Предметот е во фаза на судење, а имаше и признанија на вина. Па така друг велешанец (27) за силување на девојчето доби две години затвор. Обвинети се 14 велешани.
Во јануари годинава oбвинителството за гонење организиран криминал и корупција го објави случајот. Во соопштението се велеше дека првоосомничениот, дваесет и петгодишен велешанец, од крајот на декември 2021 година и во текот на 2022 година, со употреба на закана над детето – жртва им овозможил на останатите осомничени и на други НН лица да вршат полови дејствија со жртвата на трговија со луѓе – по пат на сексуални активности, сексуална експлоатација и порнографија.
„Тој, во декември 2021 година преку апликацијата Инстаграм остварил комуникација со четиринаесетгодишното девојче – жртва на трговија со луѓе и по неколку неделна континуирана комуникација преку апликацијата, откако стекнал доверба кај жртвата, ја довел во заблуда дека ќе започнат љубовна врска. На првата средба бил направен порнографски материјал што првоосомничениот го користел како закана за да го присили девојчето да доаѓа и на други средби, заканувајќи се дека доколку не дојде, материјалите со интимна содржина ќе ги објави и ќе ги сподели на социјалните мрежи, со што ќе и наштети на нејзината чест и углед.“, пишуваше во соопштението.
Обвинение беше поднесено против 15 лица, двајцата тетовци се спогодија со Обвинителството и добија условни казни. Сега од 13 велешани кои седнаа на обвинителна клупа, еден призна вина и доби две години затвор. Дел од обвинетите се соочуваат со минимум 3 годишни затворски казни, додека дел со минимум осум години затвор.