Македонија

Нема притвор: Синот на ексградоначалникот на Гевгелија е возачот кој усмрти 48 годишен пешак

Симе Франгов, син на поранешниот гевгелиски градоначалник Иван Франгов е возачот кој смртно прегази пешак во Нов Дојран. МВР и Обвинителството не споделуваат што покажале крвните анализи кои се прават за да се утврди дали кај лицето имало присуство на алкохол или дрога. Против Франгов, се води истрага за делото „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“, дело за кое е предвидена затворска казна. Гевгелискиот обвинител, не барал притвор, како што е пракса во најголем дел од ваквите случаи кога има смртни последици.

„Основното јавно обвинителство Гевгелија поведе постапка за Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 4 во врска со член 297 став 3 од Кривичниот законик. За осомничениот се побарани и определени мерки на претпазливост. Во тек се наредените вештачења од чии резултати ќе зависи конечната правна квалификација на делото“, велат оттаму за „Скопје1“.

Се обидовме да исконтактираме и со возачот Симе Франгов, но тој не одговори на нашите повици. Остануваат неодговорени прашањата – како се случила сообраќајката, дали тој гледа вина кај себе, со колкава брзина возел, но и дали конзумирал недозволена колична алкохол или други супстаници.

Претходно, МВР извести дека сообраќајката се случила во саботата (09.12.), кога со возио „шевролет“, Франгов кој има 26 години, удрил во пешакот Д.Ѓ. кој имал 48 години.

„На местото на несреќата починал пешакот, а смрт констатирал лекар од Итната медицинска помош. Извршен бил увид од Јавен обвинител и увидна екипа од Полициската станица Гевгелија“, велат од МВР.

Случајот е во раце на Обвинителството.

На почеток