Многу (дез)информации, но нема да се преиспитува дали инспекторите на МВР навремено постапиле во случајот со Вања
Министерот Оливер Спасовски нема да испитува во своите редови дали инспекторите навремено постапиле, согласно протоколите за пронаоѓање на убиената 14 годишна Вања Ѓорчевска. Од МВР за секое прашање поврзано со убиството на Вања и велешанецот Панче Жежовски испраќаат шаблонски одговор, преку кои ги препраќаат новинарите на друг „шалтер“ – Основното јавно обвинителство-Скопје, кое прими кривична пријава за случајот.
Сепак, само Одделението за внатрешна контрола во МВР има надлежност да утврди како течела постапката за пронаоѓање на Вања, како и дали од припадниците на МВР е постапено согласно протоколите. Но ваква обврска– нема да имаат.
„Во врска со вашите прашања ве известуваме дека сите преземени мерки и активности и обезбедени докази од страна на СВР Скопје, во врска со случајот за кој прашувате, се дел од веќе поднесените кривични пријави кои се доставени до ОЈО Скопје, за што МВР ја извести јавноста. За сите понатамошни прашања упатуваме во Обвинителството, по чии насоки постапува полицијата“, посочува МВР за „Скопје1“.
Од Министерството за внатрешни работи не одговорија конкретно ниту на прашањето дали е точно тврдењето на опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека возилото на убиениот Панче Жежовски било возено низ Скопје уште на 24 ноември. Низ јавноста има и низа други шпекулации, како што се тие дека инспектор издавал информации од истрагата.