Македонија

Полицаец доби условна, Ченто докажа дека незаконски бил „фрлен“ во притвор – не е точно дека не го почитувал куќниот притвор

Полицаец од Прилеп доби условна казна бидејќи во 2018 година напишал белешка дека осудениот Јане Ченто не ја почитувал мерката куќен притвор, која му беше одредена поради предметот „27 април“. Апелација ваквата пресуда ја потврди и ја одби жалбата на полицаецот. Се констатира дека службеникот од МВР фалсификувал исправа, во која внел невистинити информации. Поради ова, пак, Ченто доби ефективен притвор и беше однесен во затвор. Апелација ја потврди пресудата на Основниот суд дека полицаецот направил фалсификат.

„Со горните дејствија обвинетиот Андреа Ѓорѓиески од Прилеп сторил кривично дело фалсификување службена исправа, па судот му изрекува условна осуда. Така што, му утврдува казна затвор од траење од една година и шест месеци и истовремено определува дека вака утврдената казна затвор нема да се изврши доколку обвинетиот за време од три години по правосилноста на пресудата не стори ново кривично дело“, стои во пресудата.

Пресудата е и образложена од судовите.

„На 30.03.2018 година, обвнетиот Андреа Ѓорѓиески како службено лице – униформиран полициски службеник во ПС Прилеп, во службената исправа внел невистинити податоци и таквата исправа ја употребил во службата како да е вистинита, со што му нанел штета на оштетениот Јане Ченто, на начин што истиот ден околу 11 часот, обвинетиот согласно дневниот распоред за работа, и по насока на дежурниот полициски сменоводител со патничко возило се упатил кон куќата во која живеел оштетениот Јане Ченто во Прилеп, со насоки да достави решение за продолжување на мерката куќен притвор и да изврши проверка…“, стои во пресудата.

Во април 2018 година, на Ченто му беше укината мерката куќен притвор и доби ефективен, оти полицаецот тврдеше дека не го нашол дома. Во тој период, тој имаше статус на осомничен во предметот, за кој подоцна беше осуден, па пресудата беше правосилно пресудена. Семејството на Ченто, како и самиот тој, останаа на тврдењата дека тој е невин, како и дека опслужува казна која не ја заслужил бидејќи не сторил ништо спротивно на законот.

На почеток