Стигнаа обдукциските наоди за убиените Вања и Панче, кои даваат одговори на низа прашања


По 17 дена, стигнаа обдукциските наоди од обдукциите на убиените Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, дознава „Скопје1“. Тие ќе треба да бидат проучени, а да ги дадат одговорите, како биле убиени двете жртви, кои претходно беа киднапирани. Веќе беше обзнането дека не станува збор за обична обдукција. Обдукциите беа работени од Институтот за судска медицина и криминалистика.
Истовремено, се прават низа вештачења, проверки, во рамки на истрагата.
Од шест осомничени лица за организација и реализација, но и помош при бегството на Љупчо Палевски-Палчо, само тројца признаа вина пред обвинител и полицијата, за вмешаност во убиствата на Вања и Панче. Тоа се Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев, кои освен пријатели на осомничениот Палчо, за извршување на убстивата, му биле и сопартијци од „Десна“. Тие беа и први уапсени, а оттука започна и откривањето на грозоморните чинови.
За помагање во киднапирањето, осомничен е Александар Ѓорчевски, таткото на Вања Ѓорчевска, кој според Обвинителството дал информации за времето на движење на девoјчето. Статус на осомничен доби и лицето кое го возеше Палчо при неговото бегство, од Белград до Турција, Стефан Димковски.
Сите осомничени се во притвор во затворот „Скопје“ во Шутка.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември беа пронајдени мртви во близина на Велес и Скопје на 3 декември.
За првоосомничениот, Љупчо Палевски-Палчо се чека да биде екстрадиран од Турција.
