ВМРО-ДПМНЕ ќе учествува, но нема да гласа за техничката Влада – кои ќе бидат нивни кандидати ќе се знае по празниците
ВМРО-ДПМНЕ ќе учествува, но нема да гласа за техничката Влада. Првиот човек на партијата, Христијан Мицкоски, посочи дека не го ценат Талат Џафери, бидејќи ништо не направил како претседател на Собрание, за било што да очекуваат од него како технички премиер.
„Ќе учествуваме во техничката Влада. Ние ќе се воздржиме, не поради Џафери и бидејќи е Албанец, јас го предложив Гаши претходно, но не цениме дека Џафери направи нешто како спикер во парламентот, нема да донесе квалитет. Милитантна е одлуката на Ахмети за нешто да покаже со Џафери. Нема врска со зелена агенда, граѓанско општество“, кажа Мицкоски на брифингот.
Прашан кои ќе бидат кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ во техничката Влада – Мицкоски не одговори.
„По празниците ќе одлучуваме за изборите“, додаде Мицкоски на брифингот.
Тој посочи и дека очекува валкана кампања.