Македонија

(Видео) Бебе со скршеница криено од родилката на скопска Гинекологија, обвинува семејството

Родилката Анета Дамјановска, која била породена вчера, не можела да си го види бебето до денеска оти докторите не и дозволувале. Ова за „Скопје1“ го раскажа нејзиниот сопруг Благојче Дамјановски. Тој посочува и дека бил избркан од Клиниката за гинекологија и акушерство кога, како и сите родители, побарал да си го види своето бебе. Според неговите кажувања, по низа инсистирања, само мајката успеала да отиде кај бебето, кога и било и кажано дека тоа има скршена рака. „Скопје1“ побара став и од директорката на Клиниката за гинекологија, Викторија Јовановска, која до моментот на објавување, не одговори на нашите прашања. Таткото на бебето, Благојче Дамјановски, раскажа што се случувало по породувањето.

„Бебето го немаше видено, само на кратко на пет минути, не и го носат да го гледа. Дојдовме да прашаме зошто не даваат да го видиме бебето. Сопругата го има фотографирано со скршена рака. Дури сега, пред час и половина ни даваат информација дека бебето е со скршена рака. Од 31. декември до ден денеска, до пред час и половина, ние немавме никаква информација што и како се случува“, посочува Дамјановски.

Според него, медицинарите требало задолжнително да го известат семејството, без разлика што се случило.

„Бев јас да побарам информација, бев избркан од една од сестрите. И кажав дека ќе викнам телевизија, таа рече може да викнеш кого сакаш. Тоа е се“, додаде Дамјановски.

Тие не знаат во каква состојба е бебето.

„Само дознав дека раката е скршена“, додава тој.

„Скопје1“ побара став од директорката Јовановска за тоа што се случило со бебето и зошто има скршеница, но и зошто е криено од родителите. На ова, до моментот на објавување, не добивме одговор.

На почеток