(Видео) Инспекторатот се прогласи за ненадлежен: Гинекологија само интерно ќе го проверува случајот на бебето со скршеница
Државниот санитарен и здравствен инспекторат нема да постапува во случајот со родилката Анета Дамјановска, чие новороденче има скршена рака – оти нема надлежност. Директорката на инспекторатот, Рената Младеновска за „Скопје1“ посочува дека тие немаат надлежност да ја ценат стручната работа на докторите. Ова значи дека единствени кои ќе проверуваат како настанала скршеницата и дали има грешка кај персоналот е Комисијата формирана од Викторија Јовановска, директорка на Гинекологија.
„Во однос на случајот на Клиниката за гинекологија и акушерство, се работи за стручен дел од работата, така што, Клиниката ќе си постапи согласно Комисијата за квалитет. ДСЗИ нема надлежност да ја цени стручноста на докторите“, вели директорката Младеновска за „Скопје1“.
Случајот на семејството на Дамјановски го обзнани „Скопје1“.
(Видео) Бебе со скршеница криено од родилката на скопска Гинекологија, обвинува семејството
Родилката Анета Дамјановска, не можела да си го види бебето оти докторите не и дозволувале. Ова за „Скопје1“ го раскажа нејзиниот сопруг Благојче Дамјановски. Тој посочува и дека бил избркан од Клиниката за гинекологија и акушерство кога, како и сите родители, побарал да си го види своето бебе. Според неговите кажувања, по низа инсистирања, само мајката успеала да отиде кај бебето, кога и било и кажано дека тоа има скршена рака.
Повеќе:
Викторија Јовановска, директорката на Клиника за гинекологија и акушерство за „Скопје1“ ги потврдува информациите кои ги сподели семејството Дамјкановски, дека бебето не било дадено на мајката да го види, како и дека има скршеница на раката. Според неа, тоа бебе било на опсервација, а додека трае посматрањето и утврдувањето што се случува, редовна процедура е да не се споделуваат информации со мајката. Јовановска најави формирање на Комисија во рамки на Гинекологија, која ќе утврдува дали има грешка при постапувањето на медицинарите.