Македонија

Авиосообраќајот е безбеден, разрешувањето е порака дека нема компромис со безбедноста, порача Петровска

Авиосообраќајот во Македонија е безбеден, тврди министерката за одбрана, Славјанка Петровска. Според неа, предлогот за разрешување на Управниот одбор и раководството на М-М-НАВ е за да се испрати пораката дека компромис со безбедноста на авиосообраќајот – нема да има.

„Предлогот за разрешување е бидејќи сакаме да ја испратиме пораката дека компромис со безбедноста на патниците и безбедноста на македонското небо нема да има и не смее да има. Истовремено, ги повикуваме и политичките партии и политичките движења во државата да не ги користат и да не ги злоупотребуваат ниту вработувањата ниту вработените во оваа институција за остварување на своја лична агенда. Она што е најважно за граѓаните и за јавноста е дека авиосообраќајот во РС. Македонија е безбеден и се одвива согласно правилата на ‘Еуроконтрол’“, вели Петровска.

Според нејзе, потфрлено е од страна на раководството во целта да се воспостави работен ред и дисциплина во институцијата.

„Случувањата во М-НАВ особено невозможноста да се воспостави работен ред и дисциплина во институцијата, како и немањето на соодветен дијалог помеѓу работодавците и Синдикатот, очигледно дека предизвикаа бранувања и во јавноста, но и во институциите. Претседателот на Владата, во консултација со мене како министер за одбрана и министерот за транспорт и врски, донесе одлука дека на следната седница, т.е. седницата во вторник на Владата ќе предложи разрешување на директорите и управниот одбор на М-НАВ“, додава Петровска.

Ова доаѓа откако Беким Незири, вработен во М-НАВ и седум други лица влегоа во контролата на летање и натепаа контролори.

На почеток