Распишана потерница по Исмет Гури од ДУИ, кој избега од домашен притвор
По Исмет Гури од ДУИ е распишана потерница, потврдува за „Скопје1“, обвинителката Ивана Трајчева која го сомничи дека е дел од организирана шема за правење даночна измама. Потерницата е доставена од Кривичен суд до МВР, по што е почната потрагата по Гури.
„Распишана е потерница“, вели обвинителката Трајчева за „Скопје1“.
Како што објавивме полициски службеници од полициската станица „Бит Пазар“ при контрола, не го нашле Гури на адресата каде издржува домашен притвор.
„Скопје1“ побара информации од МВР за тоа кога била направена контролата, како и дали е распишана потерница. Оттаму очекуваме одговори.
Гури беше во ефективен притвор по отворање на истрагата. Бараше поблага мерка, за која судот се согласи, бидејќи сметаше дека тој не може да избега доколку биде во домашен притвор.
Додека беше во ефективен притвор, Гури најголем дел од времето го поминуваше во болница. Затворската полиција го шеташе од клиника на клиника по налог на Кривичен суд. Гледано во денови, тој подолго време е на лекување отколку што бил во притворското одделение на затворот.
„Скопје1“ објави дека додека беше во болница, кај него беше најден и телефон. Гури остварувал контакти со луѓе од надворешноста, додека предметот во кој тој е обвинет е во најсензитивна фаза на истрага.
Функционерот на ДУИ, Исмет Гури, е вплетен во организирана шема за правење даночна измама, објави Обвинителството. Тој е третоосомничен за сторено злосторничко здружување, перење пари, даночна измама, од вкупно 15 лица, кои биле под истрага. Ќе одговараат за злосторничко здружување, како и перење пари. Според Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Гури и другите обвинети, меѓу кои е неговиот син, парите ги добивале преку генерирање фиктивни побарувања кон Управата за јавни приходи, каде што бил вработен функционерот на ДУИ. Во тоа време Гури е раководно лице во УЈП. Освен основачи на фирми, има и вработени во УЈП и Министерството за финансии. Целата шема била фиктивно да враќаат ДДВ.