Од вечерва снег во дел од градовите, се спушта студениот бран


Во текот на денешната вечер, и ноќта кон утрешниот ден врнежи од снег со слаб до умерен интензитет ќе има на повеќе места низ Македонија, па така понекаде и во градовите се очекува формирање на мала снежна покривка, најавува метеорологот Славчо Поповски.
Според него, на планините и на скијачките центри ќе има формирање на позначителна снежна покривка (до утре наутро и до 20 сантиметри, понекаде и повеќе).
„Од утре ни следува сув студ, а температурите наутро понекаде ќе се спуштат и до -10 степени. Преку ден останува многу студено со температури кој на повеќе места ќе се задржат околу или малку над нулата. Понекаде тие ќе останат и под нулата. Во Скопје исто така очекуваме провејување на снег, особено во повисоките предели од котлината и на околните планини. Сето ова ќе биде проследено и со северен ветер кој повремено ќе биде засилен на интензитет“, најавува Поповски.
Пред нас е значително постуден период и вистинска зима, а уште поголемо заладување очекуваме од сабота.
